„Вештица“ – за љубовта поголема од огнот

Роман што сам се пишува Суштината на романот што сам се пишува е во претопувањето на хетерогени елементи во единство кое одново и одново се разрушува… за да се создаде повторно. Вистинска реткост е овој пристап на творецот кон словото – од словото да создаде свет, во светот да ги вдоми своите деца (а што […]

Роман што сам се пишува

Суштината на романот што сам се пишува е во претопувањето на хетерогени елементи во единство кое одново и одново се разрушува… за да се создаде повторно. Вистинска реткост е овој пристап на творецот кон словото – од словото да создаде свет, во светот да ги вдоми своите деца (а што друго би биле протагонистите за творецот?) и да им даде потполна слобода да го имаат животот што вообичаено би го имале надвор од кориците на романот. Во тој контекст, во „големиот роман за Европа“, како што милува да го нарече Кундера, Андоновски на една полемика, без којашто речиси незамисливи се разговорите меѓу книжевниците, ќе ѝ даде нова насока, променувајќи го нејзиниот тек засекогаш – можеби дојде времето кога треба да престанеме да пишуваме за луѓе коишто некаде во реалноста ја живеат приказната од книгата и да започнеме да го живееме животот што го читаме во неа. Веројатно така повеќе би љубеле. И гореле.

Impotentio ex maleficio

Андоновски во/со својата Вештица отвора имплицитно кажано подзаборавени, односно експлицитно, затскриени теми, коишто се значаен дел од историјата на човештвото. Станува збор за систематско уништување на група жени во период од неколку векови обвинети за вршење сексуален акт со ѓаволот. Во романот имаме дејствување на два комплекса (религиозно-етичкиот и магискиот), двојност во обликувањето, единство во наративот и структура осудена на крајна сложеност. Низ еден единствен филозофски клуч што нè води кон вратата на животот само низ и преку морбидното, мачењето и погубувањето на вештерките на клада е еден мал сегмент од збиднувањата во средновековниот Загреб. Неоспорно е дека во јадрото на романот лежи покомплексна тематика во којашто се опфатени и причините што ја условиле таквата состојба – гласот на црквата и зборот на инквизиторите над секого и над сè, патријархатот како надреден чин во општеството и непокорливата жена која е подготвена да биде чиста рефлексија на времето и на просторот во којшто живее.

Ако нема бог, сè e дозволено – Достоевски

Во роман како Вештица, магијата и религијата е невозможно да се претстават како опоненти и покрај тоа што тие се навистина тоа во поглед на нивните начела. Андоновски од опонентниот пар магија – религија прави кохерентна целина по заповед на неговите протагонисти. Акцентирањето дека црквата е одговорна пред Бога за гревовите на светот и таа има потполно право да ги казнува тие што одат против нејзина волја не ја исполнува докрај потребата од една целосно комплетна анализа за улогата на религијата во сите сфери на животот во средниот век. Оттука произлегува тежнеењето да се фрли светлина кон неслепото идеализирање на црквата и нејзин реалистички приказ како храм за народот и институција за нејзините претставници со највисок општествен чин. И покрај тоа што доаѓа период кога филозофијата почнува да ѝ биде предана на теологијата, не може да се изнајде одговор со филозофски примеси на прашањето: зошто кругот на религиски – етички – морални вредности први го прекршуваат тие што го поставиле на врвот на божјата норма?

Скептиците ја штитат магијата

Постои една заедничка нишка којашто неразделно ги држи еден до друг протагонистите на Андоновски, без разлика дали се тоа тие коишто нанесуваат болка или оние на коишто таа болка им се нанесува – стравот од невидливото. Тие се распнати меѓу две одделни стварности, меѓу профаното и сакралното, меѓу природното и натприродното. Вели отец Бенџамин во една прилика: Знаеш ли зошто не постојат вештици? Затоа што денес видовме една. Рака на срце, не ја видовме како лета на метла, ама сепак ја видовме. Дали би верувал во Бог кога би го видел, на пример, приведен на распит, во градскиот магистрат? Па додава: Но внимавај: тоа сè уште не значи дека нема ѓавол. Од призма на науката се смета дека не само што магијата е постара од религијата, туку дека врз неа религијата ги поставува своите темели. Колку да е тоа парадоксално, со други зборови, отсуството на само една компонента од оностраниот значи промена на постулатот врз којшто се заснова овостраниот универзум.

Со ист здив умираат љубовниците…

Јована и Папа се љубов. И оган се. Нивната разделба би значела нарушување на единството и спротивставување на законот на оганот. Тие горат додека се љубат, а потоа горат и додека умираат, а со тоа ги покриваат и земните и космичките простори. Осудени се на страдање бидејќи висока е цената на забранетата љубов што им ја определуваат општествата на љубовниците. Љубовта во овој роман е нешто кон коешто постојано се тежнее и копнее и нешто коешто никогаш исцело не може да се достаса. Не се достасува, но никогаш потполно не исчезнува затоа што таа е толку цврста што се појавува по четири века. Решава Папа да умре заедно со Јована на ист начин како што ја љубеше – горејќи. Не може Папа да живее без неа бидејќи не можеш да опстоиш без оние коишто одамна станале дел од тебе. А сè уште не сум запознала некого којшто успеал да опстои половично. Ова не е роман што наликува или потсетува на друг роман. Ова е роман за раѓањето и за смртта. И за повторното раѓање.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *