„Дневникот на Ана Франк“ – за сјајната жолта ѕвезда којашто кажува сè

Стилистичката равенка на Ана Парадоксално е, но сепак мошне уверливо: дневникот на 13-годишна Еврејка е еден од најсилните книжевни тестаменти коишто се вресок на историските случувања по коишто никогаш ништо не е исто. Велиме вресок, но во голема мера без исклучоци тоа се истите тие случувања за коишто се бара молк. Ана, девојка од еврејско […]

Стилистичката равенка на Ана

Парадоксално е, но сепак мошне уверливо: дневникот на 13-годишна Еврејка е еден од најсилните книжевни тестаменти коишто се вресок на историските случувања по коишто никогаш ништо не е исто. Велиме вресок, но во голема мера без исклучоци тоа се истите тие случувања за коишто се бара молк. Ана, девојка од еврејско семејство, молкот го претвора, но што е поважно, го разложува во реалистични концепции на зборот. Без сомнеж стилистичката нарација во прв ред во дневникот ја препознава субјективноста. Но, тоа што ја дава вистинската тежина на субјективноста не се наоѓа во гласот на една Еврејка, туку во гласот на сите Евреи затоа што Ана зборува во името на целата нација, Ана е целата нација и нацијата е собрана во Ана и со тоа доаѓаме до заклучокот дека дневникот не само што ја препознава субјективноста, туку во него се содржи најобјективната субјективност со којашто некогаш ќе се сретнеме во светската литература.

Гола егзистенција

Дневникот подлежи на строга временска рамка – се отвора на роденденот на Ана, ни ден порано ни ден подоцна, а се затвора три дена пред откривањето на Тајното засолниште на Ана и нејзиното семејство од германските нацисти. Од големо значење е природниот контекст на дејството, а природниот контекст во овој случај е егзистенција во едно време-невреме. Од голата егзистенција се расчленуваат неколку паралелни егзистенции коишто можат да се разгледуваат на рамниште на нација, на рамниште на жителите на Тајното засолниште и на рамниште на Ана. Сите тие имаат три појдовни егзистенцијални точки: индивидуални, семејни и социјални. Меѓу нив не е воспоставена една потесна психолошка врска, но тоа не остава пукнатина во карактеризацијата на ликовите и нивните обележја. Напротив, дневникот успева да го покрие психолошкиот поттекст на ликовите, а тоа е сосема доволно за да се задоволат потребите на едно книжевно дело. 

Љубовта наоѓа начини

За опсежна книжевна анализа потребно е дневникот да се согледа во својот најприроден контекст, а не надвор од него каде што владеат други законитости. Сепак, отстапувањето од оваа теза отвора простор за согледување на дневникот на друго рамниште: непореклив е фактот дека името на Ана е неразделно од најтемната точка во историјата, холокаустот, но исто така не смееме да го изоставиме податокот дека Ана е, пред сѐ, млада девојка којашто преку дневникот нѐ воведува во својот свет на младешки преокупации. Да подвлечеме: во Ана е исцртана секоја девојка којашто може да живее во средниот век, да живее пред еден или два века, и да живее денес. Навистина фасцинира тој нескршлив дух, не само за исполнување, туку и за живеење на соништата со полни гради. 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.