Nātūra, -ae, f. (Declinatio prima)
Природата сама по себе е книжевност. Прво, и веројатно најсложено, таа чувствува – скокот од смеа, дразнење од тага, морници од страв, накострешеност од лутина. Второ, исто така комплексно, таа ги користи сите свои сетила за да допре до нашите. Трето и последно, но не помалку важно, природата постојано зборува на јазик којшто сите го слушаат, но малкумина го разбираат. Овие констатации важат и за книжевноста и добиваат потполна смисла кога во нејзиниот концепт ќе бидат прикажани сите поетски метаморфози на природата. Неограничени, инспиративни, загатливи.

Онтолошки пристап
Владимир Мартиновски во збирката раскази Зоостории 77 пати го прикажува светот на битието. Тој не зборува за 77 различни светови, туку за еден единствен свет во којшто согледува 77 сегменти од животот за коишто одлучува да пишува. Во прозната книга се сретнуваме со феноменот перцепција, во овој случај со таа на Мартиновски, којашто некој би можел да ја доживее во потполност идентично, а за друг да претставува општ парадокс. Оттука произлегува веројатноста дека и во поистоветувањето на животинското и растителното царство и царството на homo sapiens постојат спротивставени гледишта. Сепак, со оглед на тоа дека авторот ни ја нуди веригата на природата, поставувајќи го човекот во јадрото како најцентрална зоосториска фигура со сите доблести и мани, која се разликува од останатите животински и растителни фигури по своето држење на телото на две нозе и вперените очи кон ѕвездите, неоспорливо е сознанието до коешто нè носи дека истоштеноста на светот навистина постои и дека таа има свое име – космички замор.
Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.