Мистеријата за книгата поголема од животот во „Нов живот“

Книга за новиот живот во книга за смртта или за многу повеќе од тоа Во т.н. книжевна рамка се сместуваат ликовите и дејствијата во прозното дело. Во творечката димензија на некои автори бројот на таков вид рамки надминува повеќе од една. Навидум во Нов живот Орхан Памук се одлучува за две рамки – првата е […]

Книга за новиот живот во книга за смртта или за многу повеќе од тоа

Во т.н. книжевна рамка се сместуваат ликовите и дејствијата во прозното дело. Во творечката димензија на некои автори бројот на таков вид рамки надминува повеќе од една. Навидум во Нов живот Орхан Памук се одлучува за две рамки – првата е зависна од втората, втората не постои без зависноста од првата, односно во првата рамка се опфатени сите компоненти на стварноста, а во втората се застапени фиктивните елементи. Третата рамка, пак, сосема незабележлива, претставува резултат од корелацијата, но пред сѐ, резултат од процесот на рефлексија и на преклопување на човечкото спознание за своето припаѓање на овој или на оној свет. Преку Осман и неговата потрага по светот од книгата, Памук остава неодгатнати многу дилеми за нашата припадност, за литературата и за фанатизмот: дали крајот на овој живот значи почеток на нов живот или почеток на смртта, или дали новиот живот е исто што и смртта? Едно е сигурно – мораме да умреме еднаш за да почнеме да живееме повторно.

(Не)потполно опстојување

Долго време во критиката се кршат копја за местото на творецот и неговото творештво во книжевниот свет и неговото место во светот воопшто (ако се приклониме кон верувањето дека светот на книгата е поразличен од овој свет во којшто живееме). Познато е тоа дека полемиката никогаш наполно не е решена, а Памук повторно ја отвора, па затоа уште еднаш можеме да ја ставиме на разгледување и да одлучиме дали овојпат ќе ја браниме или ќе ја напаѓаме: авторот е недоволно интензивен во своето постоење, книгата живее потполно.

Комплексниот наратив на Памук

Критичкиот дух нема да изгуби од својата вредност и дополнително тој во ниту еден момент не врши некакво оспорување доколку одлучиме да ја пренебрегнеме реалистичната доминанта на романот. Напротив, се отвора простор за наративната материја којашто расте до степен тој вид доминанта целосно да се претопи во нејзиниот референцијален опонент, констатирајќи дека нивниот заемен однос e впрочем  книжевната импресија на авторот за сѐ што е животно и смртно.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.