„Мостот на Дрина“ – симфонијата на една епоха

Нобеловецот со изострено чувство за својот народ  Постои еден непишан, а знаен податок којшто несомнено го врти вниманието кон себе и бара да биде потцртан – човековата величина расте според степенот на припадност и поврзаност на единката со својата заедница. Судејќи по сѐ, а најмногу по неговиот книжевен опус, единствениот нобеловец од екс ју просторите, […]

Нобеловецот со изострено чувство за својот народ 

Постои еден непишан, а знаен податок којшто несомнено го врти вниманието кон себе и бара да биде потцртан – човековата величина расте според степенот на припадност и поврзаност на единката со својата заедница. Судејќи по сѐ, а најмногу по неговиот книжевен опус, единствениот нобеловец од екс ју просторите, Иво Андриќ, претставува одблесок на својот народ и на неговите големи историски параболи проникнати во столетија на траење и опстојување. Севкупното творештво на Андриќ е синтеза од проза и историја, откривање на беспоштедната борба за ослободување и натпревар меѓу силите со којшто се одлучува во чии раце овојпат ќе паднат луѓето коишто се негова крв. Оттука произлегува заклучокот што речиси до ден-денес не престанува да предупредува – постои разлика меѓу човекот што ужива во среќата на својот народ и човекот што се сочувствува со неговата мака до толку многу што го боли како да е само негова.  

Музеј на судбини

При продлабочена и поопсежна анализа на структуралните специфичности на одреден роман, краткиот компаративен осврт на негов елемент со барем еден елемент од друг роман којшто припаѓа на иста или различна национална литературна група ги утврдува објективните вредности на сите компоненти вклучени во процесот. Што претставува мостот на Дрина за Андриќ и за југословенската литература? Тоа што претставува Богородичната црква за Иго и за француската литература, за (западно)европската и за светската воопшто. Не ги крие Андриќ ниту мислата ниту чувството дека мостот во Вишеград е своевиден музеј од камења во којшто се случува преплетот од поколенија, вери, култури. Во секој камен блок се отсликува двојниот симбол на мостот –  разновидност, а вечност и во секој од нив се потврдува врската меѓу него и животот: …дека е животот несфатливо чудо, зашто непрестајно се троши и се рони, а сепак трае и стои цврсто ’како мостот на Дрина‘.

За трагите од мајчино млеко

И покрај тоа што за човекот постојат томови дефиниции, тој е сѐ уште недефинирано битие по многу основи. Од дамнешни времиња постојат верувањата во сили коишто се над човековата моќ и коишто влијаат на неговата судбинска одредба. Показателот дека овој мост не е како сите други мостови нѐ носи кон два мотива од народните преданија како дел од усната народна книжевност на народот од овие простори. Двата мотива се врзуваат за изградбата на мостот – првиот мотив се самовилите обвинети за рушење на мостот во текот на ноќта со оглед на тоа дека, според народните верувања, регистарот на лошите самовилски дела е широк, а вториот мотив е жртвувањето на двете деца Стоја и Остоја со нивно заѕидување во мостот. Со ваквиот пристап Андриќ ни дава до знаење дека народната раскажувачка проза се појавува како стремеж и е од посебно значење за прикажување на одликите на колективот.

Од две зла – помалото?

Кога Иво Андриќ се појави пред десетина децении со своите први поетски стихови, свесно или сосема несвесно, се најави себе како автор кој влегува во литературата заради тоа што чувствува дека тоа е местото каде што припаѓа, но пред сѐ и над сѐ, поради тоа што има нешто вредно и вистинито за кажување. На почетокот со својата творечка надареност, а подоцна и со творечкото созревање успева да го оствари ветувањето, пишувајќи за минатото, не на поединецот, туку на целиот народ на Босна и Херцеговина (единката во неговиот ракопис е олицетворение на заедница) чиишто корени се длабоко испреплетени со отоманската градба на Дрина. Чувствуваме потреба тука да подвлечеме важна психолингвистичка констатација – со Турците туѓа вера завладеа, а Австроунгарците ја носат Европа во Босна и повторно Андриќ првите ќе ги нарече Турци, а вторите странци и веројатно тоа е така затоа што човек се навикнува на трагичните феномени па неволјите се неволји и неслободата е неслобода без разлика од кого и во каква форма доаѓа.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.