„Мојот маж“ – за премолченото во нашето секојдневие

И сите среќно си живееја до крајот на животот Одамна никој не верува во бајки. Затоа и одамна во книгите централно место зазема конкретната општествена реалност. Таа е прикажана во својот чист облик – нерамномерно распределенa и променливa. Меѓу нејзината надворешна и внатрешна расчленетост е херојот, чијашто водечка позиција не е случајна – таа е […]

И сите среќно си живееја до крајот на животот

Одамна никој не верува во бајки. Затоа и одамна во книгите централно место зазема конкретната општествена реалност. Таа е прикажана во својот чист облик – нерамномерно распределенa и променливa. Меѓу нејзината надворешна и внатрешна расчленетост е херојот, чијашто водечка позиција не е случајна – таа е неограничена од бројот на луѓе коишто имаат исти стремежи како неговите бидејќи тој е избран и ставен преку него да се бара, открива и манифестира тоталитетот на светот.

Брачните драми од нашето блиско опкружување

Румена Бужаровска, избрана за една од најинтересните писателки во Европа, раскажува разумно, рационално, реално, но и сурово. Преку социјалниот реалитет до социјалното дејствување се движиме по оска којашто е од решавачко значење за типовите индивидуа што треба да ги разгледуваме. Ликовите на Бужаровска се наши ликови. И воопшто не е важно дали носители на дејството се единаесет жени или, пак, единаесет мажи – најважно е дека во оваа збирка раскази вкоренета е човечката и интимна женска заедница. Збирката е составена од хетерогени, изолирани епизоди со една единствена цел – да ја ослободат жената од она што се очекува од неа да биде.

Години на учење

Секоја приказна е раскажана од страна на жена за нејзиниот маж, но и за себеси, за своите скриени желби, стравови и нужно потиснати чувства, прекриени со лаги, неверство и лудило. Отсликувајќи ја жената во современото општество, Бужаровска допира до најдлабоките слоеви на женската душа. Продира во интимниот свет на жената, која бега од себе и од општествените проблеми, откривајќи го сè она што било потиснато од машката доминација. Жените на Бужаровска растат со животната ситуација во којашто се наоѓаат бидејќи таа ги претставува во годините кога тие учат од минатите и сегашните грешки. Ненадминлива е жената којашто научила дека никогаш не треба да биде целосно зависна од својот маж – ниту од неговата љубов, ниту од неговите пари.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *