„Раскажувај ми за сечењето на корените“ – збирка раскази со приказни за романи

Храмина за задната корица на збирката напиша: Во овој кус век да се трага по корените е навидум бесмислено. Но, во овој кус век да се исече најтрајниот постамент е повеќе од бесмислено. Што гледа раскажувачот во корените? Гледа праизвор од којшто произлегуваат животните крстопати и колективното искуство. Збирката раскази содржи психолошко впечатливи и нијансирани […]

Храмина за задната корица на збирката напиша:

Во овој кус век да се трага по корените е навидум бесмислено. Но, во овој кус век да се исече најтрајниот постамент е повеќе од бесмислено. Што гледа раскажувачот во корените? Гледа праизвор од којшто произлегуваат животните крстопати и колективното искуство. Збирката раскази содржи психолошко впечатливи и нијансирани приказни, коишто преку метафоричниот тон на изразување на Настева не го изразуваат сегментот на создавање нов и поинаков свет, туку го изразуваат дефинитивниот чин на давање живи бои на постоечкиот, овдешниот и сегашниот. Нејзините протагонисти се со распламтени души и вжарени умови, заронети најдлабоко во минатото коешто ги обврзува. Да го подвлечеме најсуштественото во првата збирка раскази на Настева: протагонистите се сеприсутни – или сме опкружени со луѓето од расказите или ние сме луѓето од расказите.

Јас сум раскажувачот.

Јас сум раскажувачот. Ги гледам луѓето од страна, ги набљудувам, се хранам од нивните приказни, но вистински не ги доживувам. Како заглавена во некој меур, ги слушан индиректно нивните срцебиења, нивните дилеми и нивните копнежи и тивко ги запишувам. – ќе подвлече Настева и со тоа засекогаш ќе го постави уметничкиот амблем на своето прозно дело, создавајќи збирка раскази којашто е многу повеќе од тоа бидејќи нејзините раскази кријат приказни за романи.

Суштината на животната вистинитост

Веројатно никаде не е запишано, но книжевниците одамна знаат дека приказната на писателот, макар и сосема измислена, таму некаде на другата страна на светот, постои личност која навистина ја живее. Со првата збирка раскази Раскажувај ми за сечењето на корените на Ивана Настева оваа мисла доби едно убаво прозно заокружување. И покрај тоа што во збирката се испреплетуваат многу светови, во нејзината суштина лежат типизирани општествени фигури коишто во актот на типизација ја издржуваат најтешката битка – генералната проба, и како такви над еднообразноста и шематичноста на типовите, се преобразуваат во личности. Судирите што ја обземаат свеста и душата, наталожените застарени сфаќања и новото време, системот од заблуди и предрасуди вткаени во едно пресвртно време и поникнати во едно поднебје познато по натежнатите бои и меланхоличните ритмови, носат надеж за расказите пренесувајќи ја пораката дека, впрочем, само настојувањето за лична среќа на единката може да ги премавне закоравените сфаќања. 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.