Малески му беше потребен на македонскиот збор
Битката за еманципирањето на македонското литературно кажување се водела смело на нерамен терен. Тоа, коешто до пред неколку децении, се појавува во рамностран калап кој не гледал ниту една добра причина за да излезе од своите граници на стационираната литература – еден поетски фонд и неколку драмски објави, сега веќе конечно резултира со една еруптивна продукција во која разновидноста на жанровите објави е во преден план.
Малески како современ романсиер
Во творештвото на Малески преовладуваат зборови на еден современ романсиер. Неговиот творечки опус е проследен со симболична шематичност на ликовите, со акцентирање на личните судбини и нивно претставување само во една димензија: минато (ликовите не живеат во својата сегашност; само иднината ќе ги реши нивните минати и сегашни проблеми), со исповед и крајна емотивна вознемиреност, со приливи и одливи на нивните ретроспекции. Како негово највисоко творечко обележје е карактерната образложеност на ликовите – Малески се задржува сосема кратко на воените ситуации и подробности бидејќи тоа што го засега него во пишувањето се човековите реакции и човековата издржливост во екстремно тешки околности.

Револуцијата и Македонецот во неа
Повеќе од очигледни се главните преокупации на Малески – Народноослободителната борба и нашиот човек во неа. Но, во оваа револуција којашто ни ја предочува авторот не доминира директниот судир на нашиот човек со непријателот, туку борбата којашто тој ја води со себе (во воен период и отсекогаш). Во книгата Структуралните специфичности на современиот македонски роман (1952–1980), македонскиот книжевен критичар и теоретичар Вецко Домазетовски ја разгледува перспективата на раскажувањето како една од специфичностите на современиот македонски роман, доаѓајќи до заклучок дека во текот на романсиерското дејство, во зависност од ситуацијата, позицијата на раскажувачот трпи промени (раскажува авторот, потоа лицето во прво или трето лице и сл.). Оваа забелешка во романот на Малески во целост ја покриваат неговите ликови Денко и Игно и самиот автор. Овој сегмент посложено е проследен со создавањето на ликот на Наум Фурнаџиев чија перспектива на раскажување се менува во зависност од тоа дали тој зборува како Наум, како Инокентие, како сенката-Наум, како ни сенка не можам да бидам. А тој, мислиме на Наум/Инокентие, има само едно барање од револуцијата – конечна разврска и потврда на својата личност.
Литературата ќе нè спаси
Како блесок само во еден миг Малески чувствува потреба да ја однесе литературата на бојното поле: …извади книга со жолти корици и со црвени букви на нив, се внесе отсутно во црвеното, просеа низ забите – Бели мугри и веднаш ја врати. Сосема очекуван е изборот на авторот и на делото. Во книгата Рацин во сеќавањата на современиците Малески за своите лични сеќавања за средбите со Рацин за него ќе напише дека е Човек и Поет на тагата македонска, пролетерска, нашинска… Ќе напише и дека Рацин живееше зашто дишеше поезија и револуција, без нив тој ќе беше мртов. Всушност, Малески не ни можел да одбере друг автор и друго книжевно дело за бојното поле кога пред негови очи тој го гледал Рацин, и не само Рацин, туку и Рациновата литература и Рациновата револуција.
Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.