Навистина, зошто ли сум јас вака сам? Зошто ли?
Книжевната критика е едногласна во констатацијата за првото прозно остварување на Дракул – Белата Долина не е роман за Змејко, Белата Долина e роман на Змејко (не на кој било Змејко, туку на Дракуловиот Змејко). И покрај тоа што зборуваме за децениски процес на градење на романот, Дракул во континуираност и сосема доследно се придржува кон појдовната одлука за создавање лик жртва, но не класична. Што го прави протагонистот некласична жртва? Навидум тоа е самоопределбата за самување како резултат на хаосот од ситното, малодушното и трулото во ликовите коишто се во негово опкружување. Сепак, книжевното дело не би ја носело оваа вредност ако тоа е единственото толкување за замислата на Дракул за Змејковата определба – изборот на самотништво денес и отсекогаш се формира како чист одглас на потребата од отуѓување во цивилизациски размери.

Фрагментот испраќање на гурбет
Корените на литературните остварувања на голем број книжевни современици треба да се бараат во народната литература односно во фолклорот во најширока смисла на зборот. Нашата стручна литература препознава безброј примери на актуализација на мотиви од македонскиот фолклор во уметничката литература. Романот Белата Долина е прилично скромен во поглед на фолклорноста во споредба со делата на другите книжевници од генерацискиот круг на Дракул. Но, тоа не ја намалува вредноста на чинот опишан во неколку редови којшто е од големо значење како за тоа време и таа литература, така и за македонската литература отсекогаш. Тапани, зурли и Тешкото. Печалбарството е општествено-социјална составка во потполност сврзана за егзистенцијалното прашање на нашиот народ којашто во овој фрагмент не ја покрива примарната цел на книжевникот во исцелост. Дракул со фрагментот испраќање на гурбет прави два значајни исчекори: едниот се однесува на прикажување на орото во својата рудиментирана форма во конкретна ситуација, а вториот сведочи за внесување на македонскиот музички фолклор во уметничката литература.
Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.