Колку луѓе – толку светови
Роман на годината за 2020 година – романот на Владимир Јанковски. Неслучајно. Во неговото прозно кажување не може да се забележи провидност, отсутност, недореченост. Тој цврсто се држи до компонентите што припаѓаат на интимниот волумен на своите протагонисти и на тој начин прави мозаик од светови бидејќи секој човек носи во себе по еден свет. Во романот следствено и паралелно се развиваат приказните на четворица млади луѓе и уште десетици приказни на луѓе од различни точки на светот, кои, пак, се прикажани во една можна форма нечиј живот да се долови преку принципот еден момент – цел живот.
Следи ме што правам, а не што ветувам
Носителите на основните приказни се тие што го диктираат развојот на настаните. Тие се во обликувана реалност, конкретизирани во објективноста и интензивни во субјективноста. Нивните чувства и сфаќања авторот во ниту еден момент не чувствува потреба да ги пласира бидејќи тие сами по себе се издигнуваат над сè и проникнуваат од нивните дејствија. Оттука можеме да заклучиме дека Јанковски ни остава простор не да ги осудиме, туку на свој начин да ги оправдаме постапките на неговите ликови.

Приказни од различни мередијани
Четирите основни приказни не би биле тематски комплетирани доколку не беа надополнети со останатите педесет куси приказни. Создавањето на ликовите го потврдува на најдлабок начин постоењето на световите. И покрај тоа што романот содржи многу светови, во неговата суштина лежат општествени фигури коишто се типизирани, а сепак специфични. Тие му се радуваат на животот, прават грешки, доживуваат успеси и падови, умеат да љубат, бегаат од сите и од сè, а најмногу од себе, (не)свесно ги повредуваат саканите, веруваат во добри денови и копнеат по нив. Такви целосно свои и несовршени ја градат врзаната структура на романот, а во овој контекст би можеле да додадеме дека тоа е всушност најклучната констатација за ова прозно остварување. Животните приказни на протагонистите се испреплетени до таа мера што при нивна заедничка средба би можеле меѓусебно да се поистоветат, да најдат дел од својата приказна во друга приказна или во неа да се сретнат со туѓото искуство коешто ќе ги научи полесно да се носат со неочекуваните премрежиња.
Нема неостварени желби туку сè уште неисполнети
И покрај големиот број поентирања за животот, љубовта и стравот, неизоставен сегмент се и желбите и патувањата, а Јанковски тоа успеал да го сублимира во приказната раскажана од Венецуелецот Ксавиер Бланко која вели: Некогаш демек случајно или ненамерно ќе направиме нешто за кое подоцна сфаќаме дека претставува посвета на желба што одамна сме ја имале, никогаш не сме ја реализирале, ама и никогаш не сме ја заборавиле. Всушност, понекогаш скриените желби се поголеми и од веќе остварените.
Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.