„Буре барут“ – за тивките луѓе пред „пукање“

Низ европскиот нишан Драмски текстови широко поставени во европски рамки чија тематска содржина е тесно поврзана со збиднувањата на Балканот – вака накратко би се проследил драмскиот книжевен опус на еден од најплодните македонски драмски писатели Дејан Дуковски. Служејќи се со синтагмата буре барут, Дуковски начнува теми од општествениот и од политичкиот живот во Европа, […]

Низ европскиот нишан

Драмски текстови широко поставени во европски рамки чија тематска содржина е тесно поврзана со збиднувањата на Балканот – вака накратко би се проследил драмскиот книжевен опус на еден од најплодните македонски драмски писатели Дејан Дуковски. Служејќи се со синтагмата буре барут, Дуковски начнува теми од општествениот и од политичкиот живот во Европа, но што е најважно тој со тоа не ја покажува својата наклонетост кон него, туку само го користи како основа на која се темели прашањето: Како Балканот се носи со улогата на буре барут? 

Понекогаш и животот треба да ти се погоди

Дуковски говори за едно време и еден простор и сето тоа го поставува толку безгранично што неговата драма може да биде прикажана во какви било временски и просторни услови и повторно да се вклопи во дадениот калап кој е својствен за тој период. Од временски аспект сите ликови го живеат денешниот ден како прв ден од остатокот на нивниот живот. Од просторен аспект ситуацијата е посурова – каде е подобро? Таму каде што ги нема. Со ликови кои во реалниот свет се толку статични, заробени и ограничени, поставени на место од кое сите сакаат да избегаат, со движење коешто се случува само при нивниот премин од една во друга епизода циклично внесувајќи го мотивот во секоја од нив поединечно, Дуковски дава образложение: Во време во кое се има, па се нема, општеството како такво само го подготвува злосторникот за извршување на злосторството.

Постои ли часовник кој покажува точно време во ова балканско невреме?

Релацијата насилник – жртва наизменично се менува во секоја следна сцена – оној кој пред малку бил претставник на агресивното однесување станува нечија жртва. Во заднина на насилничкиот пристап на сите ликови кон луѓето кои се во нивно опкружување стои гневот кој во голем степен се чувствува и се развлекува низ целата драма, а на неговото присуство се алудира уште пред почетокот на првата сцена со што јасно се дава до знаење дека решавањето на сите проблеми се одвива на ниво на крвопролевање. Од разгорување на стар бес, неверство на брачни партнери и предавство на најдобри пријатели, до доведување на насилството на едно поинакво рамниште – одземање односно негирање на машкоста до степен на целосно понижување, преку чекор кој носи до остварување на американскиот сон, сè до неостварена љубов и мотив на (не)заборавот – Дуковски своите ликови ги препушта на смртта кога ништо не успева да ги задржи на овој свет. А Балканот и неговата улога на буре барут? Правилата на играта се едноставни – победува играчот кој ќе згреши претпоследен.

Доаѓа времето на тивките

Во кратките самостојни сцени, преку кои Дуковски ја одржува драмската напнатост, се прикажува распадот на секаков вид човечки вредности. Дополнително, Буре барут разгледува повеќе типови фрустрации кои се филтрираат преку насилството кое како експлозија се шири низ балканскиот простор. Од друга страна, пак, овој текст ни го отвора видикот и во неколку ситуации повеќе нè води кон тоа да следиме како некој се однесува отколку да се обидуваме да најдеме логично објаснување за неговите постапки. Во бучни времиња како што се овие сега, тивките луѓе се мнозинство и во моментот кога нивниот филм ќе пукне станува опасно за сите, а особено за гласните. Дуковски со неговата Буре барут само го најавува доаѓањето на времето на тивките. 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.