„Вкусот на праските“ – почеток на постмодернистичкиот бран во македонската книжевност

Првата ластовичка на постмодерната – Венко Андоновски Уште една во редот книжевни полемики: кој македонски роман ја најавува постмодерната во Македонија? Македонскиот книжевен критичар и хроничарот на Скопје, Данило Коцевски, во 1988 г. во текстот Младата македонска проза се задржува на активноста на неколку македонски автори, нарекувајќи ги генерација на седумдесеттите, односно зачетници на поновите […]

Првата ластовичка на постмодерната – Венко Андоновски

Уште една во редот книжевни полемики: кој македонски роман ја најавува постмодерната во Македонија? Македонскиот книжевен критичар и хроничарот на Скопје, Данило Коцевски, во 1988 г. во текстот Младата македонска проза се задржува на активноста на неколку македонски автори, нарекувајќи ги генерација на седумдесеттите, односно зачетници на поновите струења во нашата проза. Деценија подоцна, Венко Андоновски во Постмодерни праски аргументирано го изнесува своето гледиште за постмодернистичкиот бран во македонската книжевност, докажувајќи дека само под лупа на виделина излегуваат елементите коишто романот првенче на Влада Урошевиќ го прават најавувач на постмодернизмот во македонската книжевност. Што би можело да биде позначајно од почетокот на постмодерната кај нас? Годината. Навистина е импресивно сознанието дека само 13 г. по објавувањето на првиот македонски роман, од македонската прозна продукција произлегува роман којшто прв им го посочува канонот на постмодерната на останатите јужнословенски литератури. 

Еурека (?!)

Во стручната литература одат до недоглед ставовите на книжевните теоретичари коишто го третираат прашањето за појавата и за подемот на постмодерната во Македонија. Поставувајќи се поборнички кон тезата на Андоновски наспрема сите останати судови, по повеќе точки се придржуваме кон вредноста на делото на Урошевиќ и кон вредноста што тоа дело го дава на литературата. Книжевната полемика нема да се реши докрај, но со цитатот од кратката студија Историја и контекст на постмодерната во македонската литература и култура на професорката и филозоф Јасна Котеска ќе дадеме нова димензија на постмодерната, којашто можеби во иднина ќе послужи за подобро согледување на фактичката состојба за првиот македонски постмодернистички роман (со надеж дека призмата на Андоновски ќе биде искористена за уште подлабоки анализи коишто би оделе во прилог не само на овој роман, туку и на македонската книжевност во целост): Дали постои такво канонизирање (по генерации, автори, списанија, движења…) за така флуиден стилски израз како што е постмодернистичкиот? Зарем постмодернизмот не започна како правец против скаменувањето на уметноста? Зарем тоа не е уметност која се бунтува против врамувањето?

За факторот (скоковито) време

Со Вкусот на праските се разнишаа традиционалните сфаќања за улогата и за функцијата на времето. Времето почнува да станува носител на високата проза во романот на Урошевиќ и во романите на уште неколку македонски книжевници во истиот период иако проблематиката со којашто Урошевиќ се занимава претставувала црвена шамија пред очите на оние што се залагаа за реализам како идеолошка категорија, како што и самиот тој ќе изјави по повод половина век од објавувањето на неговото прво прозно остварување. Принципот на романсиерско компонирање со коешто се служи Урошевиќ при развојот на хронолошката структура на текстот се однесува на запоставување на концептот на конкретното време и придржување кон оние етапи од времето со коишто се покрива авторовата замисла. 

Низ состојбите на сонот и претчувството

Надоврзувајќи се на скоковитото време, би посочиле дека Урошевиќ го користи сонот за две димензии: минато и иднина. Едниот сон се случува за да нѐ врати во времето пред Потопот, реалистичен опис на циклусот уривање на светот прикажан во единаесеттата плоча од Епот за Гилгамеш, кој како таков подоцна е преземен во Библијата за митот за големиот Потоп, Ное и Ноевиот кораб. Другиот сон се случува за да најави конечен настан во блиска иднина – средбата меѓу Драган и Олга, тогаш нејзиното лице прилега на една стара пара. Кога ќе успееме да ја скротиме мислата дека на сонот може да му се втисне логика, тогаш ќе ја согледаме литературата на Урошевиќ и на неговите заложби светот да почне да верува во очекуваните невозможности.

Градот кој прилегаше на боиште

Некои љубови се толку големи што завршуваат со одминување. Урошевиќ како роден скопјанец пишува за една скопска љубов. Тој дава приказ на старо Скопје и на една љубовна приказна од тоа време. Неизбришлив траг од сеќавањата на скопјани останува дваесет и шестата јулска зора во 1963 г. Сосема неизбежно се судираат авторовата домисла и кобниот момент кога градот престанува да дише. Ниту еден книжевен суд не би можел да ја одреди вистината дали Урошевиќ ја подготвувал разделбата на двајцата љубовници или таа замисла се создала по земјотресот. Сепак, едно е сигурно: од денешен аспект разделбата ја покрива хрониката за првите моменти од скопскиот земјотрес, го потенцира чувството на загуба и го проследува трагањето по смислата да продолжи да се живее како градот никогаш да не прилегал на боиште.

Чудо од пара

Драган првпат ја здогледа Олга во сон. Всушност, во сон тој нејзиниот лик го виде втиснат на една стара пара. Оттука произлегува чувството дека тие се познаваат веќе безброј години. Веројатно тоа е реткост. Вистинска реткост е некого да го познаваш и да го сонуваш пред да го запознаеш затоа што невозможно е да сонуваш личност којашто никогаш твоите очи ја немаат видено. Но, никој не знае за таа средба пред средбата. 

Затоа верувај, мижи да те лажам,

зашто патот кон летниот плод е сторен

и низ зимскиот сон низ бладењето кажан.

Олга се запознава со Зоран во Охрид, родниот град на Драган. Вели дека е таму  првпат. Како тогаш археолозите при археолошки ископувања наоѓаат стара пара на којашто е втиснат ликот на млада девојка којашто толку многу наликува на Олга? 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.