„Светот на песната и легендата“ – Блажевиот манифест на книжевноста

Пофално слово како благодарност Постои нешто навистина големо и бесценето во личностите кои ја имаат способноста да се носители на парадоксот на времето и на просторот – колку подолго ги нема, толку поизразено го чувствуваме нивното присуство, или, пак, колку повеќе ги оставаме зад нас во минатото, толку повеќе ни се блиски, наши и неотуѓени. […]

Пофално слово како благодарност

Постои нешто навистина големо и бесценето во личностите кои ја имаат способноста да се носители на парадоксот на времето и на просторот – колку подолго ги нема, толку поизразено го чувствуваме нивното присуство, или, пак, колку повеќе ги оставаме зад нас во минатото, толку повеќе ни се блиски, наши и неотуѓени. Блаже Конески е еден од ретките којшто успева да ни покаже и докаже дека нема напред, ако не се осврнеме назад. Неговата сегашност се темели на нашето минато и тоа претставува еден нераскинлив сооднос кој говори за тоа кои сме и чии сме. Голем македонозналец на македонскиот XIX век е Блаже Конески. Дотаму е добар познавач што знае дека по многу нешта тој век е пресвртен и важен за сето она што допрва треба да следува. А, нештата кои следуваат му се препишуваат токму нему, затоа што во кревките и ранливи моменти на својот мајчин јазик, тој се сочувствува најмногу. 

Поетички триаголник: традиција – колектив – автор

Посветен научник со восхитувачко, од рана возраст освестено чувство за јазикот, за својата и припадноста на својот колектив, Блаже Конески води еден неизбежен колку историски, толку и генерациски процес – да се остане доследен на народното и/или традициското, да се увиди и прикаже суштественото, да се даде развојниот тек и да се пронајде и оствари научниот облик на мајчиниот јазик со сите свои закономерности и правила, на оној ист јазик кој припаѓа на еден народ, а сѐ уште нема своја кодифицирана норма, значи да се создаде современиот денешен и иден македонски литературен јазик. Тоа во голема мера ни ја покажува неоспорната вистина од која треба да се плашиме – би се изгубиле самите себе доколку дозволиме да ни биде далечен еден од основоположниците на современоста која ја живееме и денес. Георги Старделов за Блаже Конески ќе напише дека средиштето на неговото творештво е доживеалицата, а не безличната рефлексија, додавајќи дека тој умее едноставно, но мошне комплексно во својата едноставност, да го оживее она што толку длабоко го доживеал. Затоа за Конески традицијата е аргумент за колективот – таа се открива преку него, тој се открива низ неа самата т.е. тој сведочи за неа и таа сведочи за себе преку него. 

Легендата како показател за духовното наследство

Во Светот на легендата Конески ги сумира своите долгогодишни научноистражувачки текстови, поставувајќи го во центар триаголникот на легендата: традиција – фолклор – духовно наследство. Несомнено, во легендата лежи матрицата за непознатото. Тајната е присутна во сето тоа кое се трудиме да го допреме, осознаеме и разбереме, да му вдахнеме смисла, потем да го објасниме и на крајот да му внесеме насока и логика. И веројатно хранењето на нашето чувство дека сме опкружени со некаква енигматска сила претставува единственото нешто со која опстојува оската на светот, а таа не крие ништо друго туку една света приказна чиј животен век ќе трае сè додека не биде целосно разоткриена. Тука се крие мајсторството на Блажевото творештво – најсложените прашања ги разрешува до просто именување без да го наруши тајниот код на легендата.  Долго време нашата наука чекаше на првиот исчекор на Конески кој беше неопходен во осовременувањето на нашата литература во секоја смисла на зборот. Потребно беше да се дејствува за да се ослободи духовното наследство од прангите, а резултатот од тоа дејствување е приближување на Конески и на неговиот народ кон идеалната татковина. 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.