Едно поинакво читање на „Сфинга на гневот“

Нови согледувања Вистинскиот писател секогаш ги користи уметноста и својата дарба за да ги прикаже најочигледните премолчувани моменти од секојдневието затоа што јазикот на уметноста никогаш не го пропушта центарот на збиднувањата. Кујунџиски не само што цели кон центарот, туку тој себеси и сите нас нè става во тој центар, давајќи приказ на мал општествен […]

Нови согледувања

Вистинскиот писател секогаш ги користи уметноста и својата дарба за да ги прикаже најочигледните премолчувани моменти од секојдневието затоа што јазикот на уметноста никогаш не го пропушта центарот на збиднувањата. Кујунџиски не само што цели кон центарот, туку тој себеси и сите нас нè става во тој центар, давајќи приказ на мал општествен сегмент – каква улога игра политиката во литературата и колкава моќ има врз околностите околу коишто играат протагонистите? Меѓу редови, политиката е секогаш застапена и се рефлектира преку општеството коешто е претставено во романот. Какви струи владеат во романот којшто отвора ново поглавје во современата македонска литература и какво влијание имаат тие над издаваштвото кај нас може да се забележи во потребата да се постави прашањето: Може ли да се живее од тоа што си лектира во мала нација?

Автономната игра на митот и современиот текст како спој

Критиката на текстовите одамна ги пронаоѓа митовите применети во современата литература. Вечна тензија предизвикува согледувањето на функцијата на митот во прозата и веројатно тоа ќе остане така сè додека не се утврдат вредностите коишто митот ги придонесува за актуелниот свет (како да не знаеме дека светов е создаден од мит). Романот во романот содржи митолошки мотиви на кои се заснова приказната којашто ја раскажува Марко Ковачки – митот за Пандора. Меѓу различните чувства коишто се земаат како психолошка основа на митотворството се вбројува и гневот (покрај стравот како најчесто чувство). Читателот никогаш не се сретнува со Марко, но неговото присуство се чувствува секојпат кога ги слушаме мислите на Лазар. Тој живее во неговите мисли, и во оние коишто само протрчуваат и во оние од коишто се раѓаат изустените зборови. Неговиот гнев во даден момент станува толку голем што тој самиот се претопува во својот ривал.

Т’га за југ – стихови вредни речиси еднакви на тие од Евангелието

Задача на современата литература е да нè потсети на македонската писмена традиција и да го побуди кај нас националното осознавање за народниот гениј. Од која причина вредната книга на Кујунџиски добива уште поголема вредност? Од одлуката на авторот својот протагонист да го внесе во литературата преку македонската поезија и тоа од времето на нејзините зачетоци. Зошто Т’га за југ е нашето Евангелие? 1. Затоа што поетското расположение на Миладинов го прави основоположник на македонската поезија; 2. и затоа што македонската уметничка поезија којашто тој ја создава претставува жива врска со нашето народно творештво. Знаеме дека набргу по смртта на Миладиновци, нивниот пријател Жинзифов го рече следново: Со овој во многу погледи прекрасен Зборник од македонски песни обајцата Миладиновци си издигнале себеси најубав споменик. Да го подвлечеме следното: ако Зборникот е круна на македонскиот фолклор и на собирачката дејност на Миладиновци, Т’га за југ е круна на македонската поезија и на авторското творештво на Константин. 

Градот убав

Историскиот текст претставува засебна форма која е надвор од книжевната рамка на примарниот роман. Тој содржи настани и личности коишто ја поставиле цивилизацијата на скопското тло – од првиот камен со којшто се подигнува градот, до епохата на Самоиловата држава и таа на Јустинијан Први, болестите и природните катастрофи коишто го зафаќаат градот и неговите жители, приказните за клучните точки: Кале, Камениот Мост, црквата Св. Пантелејмон во Нерези, населбите Карпош, Хиподром, Злокуќани. Романот во роман дава широк спектар на претстави за историјата и за развојот на Скопје, а неговата содржина ги покрива годините од неговото создавање до времето кога се пишувал текстот во којшто хронолошки се изложени историските поглавја на градот. 

За глаголувањето

Именувањето и логото на издавачката куќа се инспирирани од третата буква во старословенската глаголица којашто во старословенската кирилица се предава со буквата в. Кое би можело да биде едно од толкувањата зошто Кујунџиски се служи со словенскиот гласовен состав, пред сè, со глаголицата? Дејството на романот од Скопје се повлекува кон Сплит, а далматинскиот град носи јазична нишка сврзана со словенската писменост: во Охридската книжевна школа Св. Климент и Св. Наум ја продолжуваат писмената традиција со глаголицата, но многу набрзо по два века, глаголицата е заменета со кирилицата. Каква е состојбата на далматинското поднебје? Додека на голема врата се пречекуваат современите јазици, на почетокот на XX век  во Далмација сè уште активно работат монасите глаголаши коишто успеале да ја одржат глаголицата во една малку изменета (аглеста) форма. Со овој заклучок не само што го затвораме изнесувањето на едно (веруваме од многуте) толкување на глаголската буква, туку со него подвлекуваме уште една македонско-хрватска паралела застапена во романот т. н. глаголување.

Просветление

Трагајќи по загубениот ракопис, Лазар потрагата ја продолжува на југот на Хрватска – физички тој одеднаш се наоѓа во стариот Сплит, но во модерно време, горејќи од желба да ги реши сите дилеми со сфингата пред палатата на Диоклецијан, според сплиќаните, поставена на најцентралната точка во светот. Водејќи се од историската позадина на Сплит и доаѓајќи сè поблиску до ракописот, Лазар непрепознатливото од својата свест почнува да го гледа многу јасно – дојде времето кога ќе мора да ја промени состојбата на постоење само на еден начин, со прочистување од гневот. Пруст во Пронајденото време вели: Вистинскиот живот, животот конечно откриен и расветлен, па следствено на тоа единствениот живот што е вистински живеен, тоа е литературата. Тоа е лекцијата којашто Марко сакаше да му ја подари на Лазар. Секако, преку литературата. Возможно е да се разболиш од литературата доколку е апстракна, а најдобриот ракопис кој го гризе животот на Лазар е болест на неговите амбиции. Вистинската литература го довикуваше Лазар доволно гласно за на крајот да ја слушне. Така таа му го спаси животот. 

Современата македонска литература на поинакво рамниште

Корпусот на книжевната критика за Сфинга на гневот ќе биде обемен кога ќе се издекодира во целост (ако воопшто е возможно некогаш да се доодгатне докрај проза со ваква големина). Накратко: македонската литература допрва ќе почувствува дека за нејзината современост од огромна вредност е публикувањето на романот на којшто се потпишува Кујунџиски. Но, да не заборавиме на нејзината скромност којашто, можеби, нема да ѝ дозволи докрај да признае толку лесно дека неа ја сочинуваат вредни книги од вредни автори. Така е скроена. Некои мерила им ги препушта на читателите.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.