Императивот во „Јас сум Малала“: Образованието е право, а не привилегија

Пакистанската Мајка Тереза Во глобалното образование одамна стои отворена задачата да се израмни што побрзо уште една неправда од минатото: да се расветли положбата во којашто се наоѓа образовниот систем и со големи букви да му се напише на денешното општество дека образованието не препознава пол. Во автобиографската книга на Малала многу брзо можеме да […]

Пакистанската Мајка Тереза

Во глобалното образование одамна стои отворена задачата да се израмни што побрзо уште една неправда од минатото: да се расветли положбата во којашто се наоѓа образовниот систем и со големи букви да му се напише на денешното општество дека образованието не препознава пол. Во автобиографската книга на Малала многу брзо можеме да се увериме во оправданоста на високите квалификативи што ѝ се припишуваат – за себе таа е Малала, за светот е пакистанската Мајка Тереза. Важно е да се забележат вистинските вредности на нејзиниот активизам, чии прилози во сестраното разоткривање на културно-образовната сфера импонираат до степен на кревање глас за себе, а во средината во којашто живее и расте Малала, кревањето глас за себе значи кревање глас за сите безгласни букви.

Се плашам дека ќе има ноќи кога моето дете ќе плаче, а јас нема да знам за тоа

Доколку се надоврземе на општото мислење дека детето е огледало на своите родители, тогаш веројатно полесно би можеле да ја разбереме храброста и остроумноста на Малала во нејзината борба за образование за секоја девојка. Колку е Малала вистински храбра зборува сознанието дека таа се спротивставува на луѓе коишто велат дека за овој Бајрам ќе бидат жртвувани животни на две нозе. Со сите факти што се тука понудени, потполно сме уверени дека за првпат сеопфатно се презентира животот на Пакистанците и општествените и семејни вредности во време кога талибанците се немилосрдни кон народот кој е со иста крв и со иста религија како нивната. Овојпат, нам ќе ни биде неопходно да го подвлечеме уште следново: за да порасне детето во успешен човек важно е да биде воспитувано од родители коишто отсекогаш верувале во неговите квалитети. А, родителите на Малала ништо не ги поколебува да престанат да веруваат во нејзините соништа.

Цензурата во 21 век

Кога книгите ја плаќаат највисоката цена? Тогаш кога се цензурирани, забранети, палени. Во автобиографската книга Малала фрла светлина на еден многу важен сегмент – чинот на забранување книга во Пакистан. Сатанските стихови од Салман Ружди предизвикува голем револт кај Пакистанците бидејќи сметаат дека книгата е пародија на животот на Пророкот чие дејствување е во Бомбај. Низата протести својата кулминација ја доживеале со палење американски знамиња пред Американскиот образовен центар (и покрај тоа што Ружди и неговите издавачи се Британци). Во таа смисла би се задржале на конкретниот предмет – на што се должи сето ова? На стравот кој ги обзема луѓето за нештата кои ним не им се доволно познати.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.