„Малиот Принц“ – безвременска новела за (под)заборавените вредности

Индуктивниот пристап на Егзипери Малиот Принц е редок литературен примерок којшто своето место го наоѓа под капата на литературата за деца и покрај тоа што во него се кријат најважните животни поуки за возрасни. Очигледно е дека авторот ја познава добро природата на возрасните штом одлучува дидактиката да ја спакува во приказна за мали деца […]

Индуктивниот пристап на Егзипери

Малиот Принц е редок литературен примерок којшто своето место го наоѓа под капата на литературата за деца и покрај тоа што во него се кријат најважните животни поуки за возрасни. Очигледно е дека авторот ја познава добро природата на возрасните штом одлучува дидактиката да ја спакува во приказна за мали деца и во таква форма да им ја препушти на големите. Описот на ликовите е поставен врз потребите на Егзипери да ги долови и претстави отсуството на емпатија, отчовечувањето, вообразеноста, суетата, но и ранливоста, потребата од чиста љубов, поддршка и грижа. Кога станува збор за поставеноста и соодносот на ликовите, посебно се истакнуваат нивните кратки монолози надвор од дијалошките облици – во монологот се остварува поинаков процес и доколку ја разгледаме неговата конструкција ќе забележиме дека во неа се создава простор за целата филозофија на Малиот Принц. Во новелата е застапено т.н. скоковито, односно етапно време во коешто се опфатени само делови од времето коишто во исцелост ги покриваат дејствијата. Да сумираме: детектирањето на индуктивниот пристап на Егзипери ни служи за продлабочување на суштината, а суштината на која се заснова приказната е од животни размери.

Астероид Б-612

Просторот нема водечка улога во градењето на делото, но претставува важна одредница за неговото обликување. Во делото на Егзипери од големо значење е претставувањето на просторот во којшто ликовите дејствуваат, не само поради тоа што со тоа делото добива заокружена целина, туку најмногу поради сознанието дека токму просторот дава нова димензија на новелата  –  дали некои елементи, меѓу кои и просторот, даваат можност приказната за Малиот Принц да се разгледува како уште една сказна во редот на европските сказни? Непореклив е фактот дека Малиот Принц не ги исполнува сите услови за да се нарече сказна, но исто така не може, а да не се забележат елементите коишто отстапуваат од стварноста. Малата планета на Малиот Принц и сите останати планети изобилуваат со фантастика, а новелата не го препознава фантастичното во своите рамки. Како дополнение коешто оди во прилог на сказната е мотивот смрт, еден од нејзините најцентрални мотиви (многупати, сказната во својата основа е метафора за смртта). Поопсежна книжевна анализа би ни посочила дека, можеби, Егзипери алудира на следново: разделбата на Малиот Принц и нараторот не значи негово враќање на Астероид Б-612, туку негово заминување од земниот свет. А, во таквите разделби нема простор за Ќе се видиме повторно.

Очите мамат

Книжевноста секогаш изненадува. Проследувањето на нејзиниот тек открива интересна појава: поткрепувањето на зборот со компоненти од други повеќе или помалку сродни родови на уметноста значи проширување на книжевниот хоризонт во секоја смисла. Уште еднаш да повториме дека ова дело на Егзипери припаѓа на литературата за деца и можеби затоа специфичните јазични форми одлучува да ги прикаже со ликовните т.е. со визуелните форми на израз. Илустрациите се секогаш најсоодветни за книгите за деца. Со тоа се постигнува конкретизација и избегнување тешкотии при дешифрирање на основното јазично средство – јазикот, а илустративниот пристап помага во појаснување на мислата. Оттука произлегува заклучокот дека Егзипери одлучил да се служи со визуелниот реквизит како посредничка функција. Несомнено, новелистичката содржина на делото е поткрепена со елементи на фантастиката, а творечката фантастика е највисокиот облик на индивидуализмот. Накратко: Малиот Принц претставува апостроф на Егзиперовиот индивидуализам.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.