„Медитации“ – духовниот дневник на римскиот класик Аврелиј

Сите нешта треба да се проценуваат во времето и во просторот (?) – М. Крлежа Ова дело на Аврелиј, кое по многу основи ги исполнува критериумите за да биде разгледувано како парче од светската литература, успева да исполни едно барање на литературата коешто, би рекле, во нејзините поставки е најсложено – делото да биде совршено […]

Сите нешта треба да се проценуваат во времето и во просторот (?) – М. Крлежа

Ова дело на Аврелиј, кое по многу основи ги исполнува критериумите за да биде разгледувано како парче од светската литература, успева да исполни едно барање на литературата коешто, би рекле, во нејзините поставки е најсложено – делото да биде совршено изградено до таа мера со што станува засекогаш дел од минатото, сегашноста и иднината… истовремено. Да се обидеме да одгатнеме: во него се сечат трите димензии на времето, а тоа докажува дека зборуваме за книга поголема од секое време и секој простор, незасегната од луѓето коишто во тој момент се таму – и ја читаат.

Стоицизмот како античка доктрина

На која вероисповед припаѓа стоицизмот? На чистата мисла и разумното дејствување. Без сомневање Аврелиј е најголемиот книжевен стоик велејќи: Обиди се еднаш да живееш живот на добар човек кој е задоволен од она што му е дадено и кој ужива во своето чесно работење и мислење. Во наполно усовршена форма римскиот император и филозоф не ги изоставува боговите при неговото творење – тие стануваат супстрат на обликувањето, се издигнуваат над системот и над сите други нормативно дадени материи на формата, потполно опфатени со целокупниот систем од категории што ѝ одговараат на таа форма. Кои аспекти Аврелиј успеал најсуштински да ги прикаже преку начелата на стоицизмот? Сите на моралниот универзум.

Дајмонот во мене/нас

Низата од јас на класикот, кон јас на човекот и јас на светот се става во служба на авторот секојпат кога тој има потреба да докаже дека со сопствената мудрост најдобро се ита кон смислата на стварноста. А, тоа се случува во сите дванаесет книги без исклучок. Кратките мисли на Аврелиј собрани во збирка укажуваат на стравотно сознание – штом минатото се повторува, сегашноста е непроменлива, а иднината загрозена. Деветнаесет века нѐ делат од Аврелиј, деветнаесет века човекот ги чита неговите Медитации и деветнаесет века човештвото не научи дека откривањето на себе значи откривање на сопствената суштина.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.