Мотивот на трилисната детелина во „Небеска Тимјановна“

Трилисна детелина – дали беа тоа  трите дела на Македонија? Моќта на литературата и на мигот И покрај тоа што националната литература се заснова на домашните законитости произлезени од традицијата и условите, таа никогаш во потполност не може да се развива изолирано од останатите национални литератури бидејќи за литературно-општествениот развој придонесуваат компоненти со меѓународен код […]

Трилисна детелина – дали беа тоа

 трите дела на Македонија?

Моќта на литературата и на мигот

И покрај тоа што националната литература се заснова на домашните законитости произлезени од традицијата и условите, таа никогаш во потполност не може да се развива изолирано од останатите национални литератури бидејќи за литературно-општествениот развој придонесуваат компоненти со меѓународен код важни за творечкиот континуитет. Настрана од сеопштото, македонската литература препознава еден многу значаен феномен во своите процеси – свеста на мигот којашто за секого е различна: скоро невозможно е различни очи да ги премерат неговите вредности исто. Без исклучок истото правило е и кога станува збор за минатото со оглед на тоа дека секој минат миг му припаѓа нему.

Условеноста на подрачјето на литературата и револуцијата

Застапувајќи ја свеста на мигот, обусловеноста на литературните форми укажува на определени национални тенденции кои добиле уметничка обработка во облик што го дала историјата. Творештвото се збогатува со социјални мотиви во кои се одразува растечката националноослободителна борба на народните маси. Во една прилика, во статијата насловена Македонска книжевност, Конески ќе напише: Народноослободителната борба и афирмацијата на новиот живот се главна тема на литературата во првите повоени години. За толкување на роман во целост важен е факторот време во кое настанало делото и покрај тоа што секој писател на неидентичен начин ја усвојува оваа компонента. За Андреевски рефлексијата на Уранија Јурукова во Небеска Тимјановна е сосема очекувана аналогија – народот ѝ подари многу животи на револуцијата додека таа се соочуваше со горчливи проблеми. Литературата ѝ понуди помош затоа што такво беше сфаќањето за нејзината примарна улога.

Релацијата македонски фолклор – македонска литература

Неразделна целина прават народното творештво и националната литература. Дотолку неразделна што елементи на фолклорот создаваат потенцијал за индивидуални, односно авторски креации кои подоцна го даваат својот придонес во развојот на националната литература. Во стручната литература постојат голем број примери во коишто македонскиот фолклор извршил влијание во процесот на создавање книжевно дело. Пословиците како дел од усното народно творештво и Небеска Тимјановна на Андреевски како дел од авторското творештво се уште еден показател за проткајувањето на народните умотворби во уметничката литература. За да се воспостави вистинската релација важно е да се следи сижетната линија на романот и специфичниот карактер на фолклорот. Со оваа поставка Андреевски не го декларираме како фолклорист, туку како книжевник кој ги вметнува пословиците во фабулистичкото ткиво на својата приказна. За разоткривање на заемноста важно е да го конкретизираме следното – пословиците коишто ѝ одѕвонуваат на Небеска и коишто таа постојано си ги повторува при барање утеха и при потреба од поучување не се гласот на нејзините родители, баба и дедо, туку гласот на македонскиот народ во којшто севкупно е собрана и оформена неговата колективна меморија.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.