„Некој бил тука“ како приказ на човечката имагинативна реалност

На преминот од индивидуализација кон генерализација Не е тешко да се утврдат елементите со коишто се означува трагичното во македонскиот литературен збор со оглед на длабоките корени индивидуализаторската означеност да е ознака за една цела општествена (не)прилика. Во романот на Николина Андова-Шопова, прогласен за роман на годината за 2018 година, трагичното е сместено во зборовите […]

На преминот од индивидуализација кон генерализација

Не е тешко да се утврдат елементите со коишто се означува трагичното во македонскиот литературен збор со оглед на длабоките корени индивидуализаторската означеност да е ознака за една цела општествена (не)прилика. Во романот на Николина Андова-Шопова, прогласен за роман на годината за 2018 година, трагичното е сместено во зборовите на нејзиното машко алтер его, кое само по себе делува како индивидуализација на еден сопруг – несопруг, потоа на една сопруга, замрен детски глас и семејство доведено до раб на животарење.

Лакримариј

Светската книжевност видела многу солзи. Исто така и македонската. Но, да се задржиме на таа од нашето поднебје бидејќи тажачкиот код е секогаш поблиску до битовиот кодекс на мајчин јазик. Кои семејства се осудени на вечно страдање? Тие коишто дома имаат полн лакримариј. Со што е полн лакримаријот? Со солзите на тие коишто ги нарекуваат родители, а дете во раце немаат. Само апсурдот одѕвонува во секој миг од нивното голо траење: Колку ние повеќе старееме, толку тебе подолго те нема…

Каде е подобро? Таму каде што нè нема

Не би можеле со сигурност да потврдиме дали Николина Андова-Шопова со ова прозно кажување сакала да создаде современ роман без целосна концепција и покрај тоа што со неколку секундарни асоцијации ни го посочува тоа. Живеејќи меѓу имагинацијата и реалноста, протагонистот, преку којшто Андова-Шопова ѝ се обраќа на читателската публика во прво лице еднина, дава три фрагменти од својот живот: детство – сегашност, распадот на семејството – сегашност и сегашност. Фрагментите се нехронолошки, но неделиви, целосно психолошки, со сите немири од минатото коишто се рефлектираат на сè што допрва треба да дојде. Едноставни, но и комплексни причини да се уништи човечкото во човекот. Оттука произлегува пресудата за сопствениот живот бидејќи тоа не е ништо друго туку чин предводен од низа конфликти водени со самиот себе. Затоа е сосема погрешно тоа да се нарече судбина.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.