Светлана Алексиевич, „Војната нема женско лице“

НАГРАДА „BOOKSTAR“ ЗА 2022 ГОДИНА Авторка е белоруската писателка Светлана Алексиевич, инаку добитничка и на Нобеловата награда за литература во 2015 година. Земајќи го предвид нејзиниот творечки и општествен ангажман во изминатите неколку децении, Алексиевич е сигурно една од најзначајните живи личности на денешнината. Она што е исто така важно е дека нејзиното дело е […]

НАГРАДА „BOOKSTAR“ ЗА 2022 ГОДИНА

Авторка е белоруската писателка Светлана Алексиевич, инаку добитничка и на Нобеловата награда за литература во 2015 година. Земајќи го предвид нејзиниот творечки и општествен ангажман во изминатите неколку децении, Алексиевич е сигурно една од најзначајните живи личности на денешнината. Она што е исто така важно е дека нејзиното дело е меѓу најактуелните во оваа турбулентна година во која се случува војна во која секојдневно гинат луѓе на само неколку стотина километри погледнато од која било точка на европскиот континент.

Светлана Александровна Алексиевич е родена на територијата на Советскиот Сојуз пред 74 години во градот Станислав (денешен Ивано-Франковск) на западот од Украина, од мајка Украинка и татко Белорусин. Уште како дете со семејството се преселува во Белорусија каде што го завршува основното и средното училиште и пред да дипломира на Белорускиот државен универзитет веќе почнува да работи како новинарка која набргу станува и успешна и препознатлива со својот пристап.

Во текот на долгогодишната кариера се извештува да создаде авторски стил кој се базира на лични сведоштва. Тоа не се директни преписи, а уште помалку стенограми, туку Алексиевич станува (ре)креатор на орална историја. Создава нов жанр иако сосема оправдано овие квалификативи треба да се стават под наводници и да се прифатат со задршка, како што и самата прави. Наједноставно за нашите читатели може да споредиме со дејствувањето на Марко Цепенков, со земање предвид на една клучна разлика: Цепенков повеќе се занимавал со народната имагинација, а Алексиевич со полето на безмилосната советска историја. И Алексиевич и Цепенков ги слушале раскажувањата на своите соговорници, но преку внимателниот избор на приказни, преку нивното структурирање, преку книжевното стилизирање и преку ритамот што го внесувале, тие не се обични запишувачи, туку и тоа како креативни пишувачи на уметнички и животни дела.

„Книжевното“ творештво на Алексиевич (кое исто така го ставаме под интерпукциски знаци бидејќи тоа ги надминува строгите граници на книжевниот дискурс) се состои (засега) од пет книги кои се инспирирани од драматични настани на советското минато: Втората светска војна, војната во Авганистан, распадот на СССР и нуклеарната катастрофа во Чернобил и сите тие имаат доживеано голем број телевизиски и филмски екранизации.Во текот на својата кариера во Белорусија честопати била обвинувана за клевети, сквернавење, па дури биле водени и судски процеси против неа во периодот од 1992 – 1996 г. Поради силниот политички прогон против Алексиевич, во 2000 г. ја напуштила државата и една деценија живеела во прогонство во Париз, Гетебург и Берлин. Во 2011 г. се вратила во Минск, но не за предолго. Заради нејзиниот ангажман и учество на антивладините протести во 2020 – 2021 г. против претседателот Лукашенко на 28 септември 2020 г. повторно принудно ја напушта Белорусија и заминува во Германија, а нејзините книги се отстранети од белоруските училишни програми. Со почетокот на руската инвазија во Украина продолжува со критиките на белоруската вмешаност.

Пред овој последен (само)прогон Алексиевич долги години работеше на ново дело во кое ги истражуваше формите на љубовта меѓу различни луѓе, но при бегството на Запад таа го остава својот ракопис зад себе и едноставно – го напушта, навраќајќи се одново на темата што совршено ја владее веќе триесет години, односно испишувањето на историјата на утопијата на комунистичката идеја, која таа смета дека умира дури сега со ова што се случува во 2022 г.

Наградата BookStar ѝ беше доделена за првата книга од нејзината петтотомна епопеја – Војната нема женско лице, една од најпознатите и најзначајни книги за војната. Накратко: за време на Втората светска војна, околу еден милион жени се бореле на страната на Црвената армија, но за нив никогаш ништо не се пишувало. Кога се разговарало за учеството на СССР во Втората светска војна, тоа било отсекогаш претставувано единствено низ очите на мажите учесници. Сè до оваа книга која ги собира на едно место спомените на стотици и стотици жени – снајперистки, тенкистки, болничарки, градителки. Книга која трепери во дланките и која носи бурни и силни емоции кај сите читатели и читателки.

Војната нема женско лице е приказна или приказни за жените во текот на војната. Што ним им се случувало, како таа ги променила? Од што се плашеле? Како научиле да убиваат? За што размислувале? Кои битки ги биеле? Овие жени ја раскажуваат нехеројската страна на војната, која најчесто не е присутна во сеќавањата на мажите ветерани. Тие говорат за валканоста и за студот, за гладот и за сексуалното насилство, за проблемите и за сенката на смртта. Алексиевич дозволува овие гласови да се слушнат во нејзината трогателна книга, првпат објавена во 1985 г. Авторката ја дополнила во 2002 г., преработувајќи ги деловите што биле цензурирани и додавајќи нови материјали што првично не биле дозволени да се објават.

Апсурдот кое го прави ова дело вонвременско е што и покрај фактот дека првпат се најде пред читателите пред речиси три децении до денес не престана да зрачи со својата актуелност бидејќи во светот постојано владеат војни во кои гинат деца и старци, во кои жените се вклучени и без да сакаат, во која гласот на слабите е потиснат, во која раните се неизлечиви, во кои мажите се обидуваат да ја наметнат својата доминатна слика за стварноста и во кои лудилото на војната не прашува за име и презиме.

Можеби војната нема женско лице, но жените не поминуваат поштедени или тргнати настрана од ниту една војна. Напротив. Во таков еден контекст, храбриот глас на Светлана Алексиевич е еден од ретките факели во темнината која (не)очекувано се надвиснува и над XXI век.

Рецензија на Жарко Кујунџиски (Антолог) за Храмина.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии од квалитетни автори.