„Сигурен ризик“ – несомнен творечки придонес за развојот на современата македонска жанровска литература

Фашизмот на Ролан Барт Фрлајќи светлина на жанровската литература, односно на крими-романот како литературен жанр и неговата улога во литературата, би можеле да се осврнеме на сосем мал дел од предавањето на Ролан Барт на еден од најпрестижните универзитети во Франција (College de France) во којшто се изјасни дека фашизам не значи да спречиш некого […]

Фашизмот на Ролан Барт

Фрлајќи светлина на жанровската литература, односно на крими-романот како литературен жанр и неговата улога во литературата, би можеле да се осврнеме на сосем мал дел од предавањето на Ролан Барт на еден од најпрестижните универзитети во Франција (College de France) во којшто се изјасни дека фашизам не значи да спречиш некого да каже, туку да го принудиш да каже (секако, квалификација која се однесува на јазикот, и тоа на оној ист јазик на којшто литературата му ги пречекорува границите и се обидува да ја искаже својата надмоќ како што забележува Антоан Компањон во За што служи литературата?). Последователно на горенаведената изјава на Барт е заклучокот: јазикот на крими-романот не е ништо повеќе и не е ништо помалку од тој фашизам за којшто тој зборува бидејќи хаосот од факти, ситни и крупни, коишто преовладуваат во оваа жанровска литература го препознаваат принудното кажување. Јазикот на крими-романот не е нималку наивен: авторот преку него го кажува и тоа што не е за кажување.

Положбата на крими-романите во нашата современа литература

Голем дел од светската литература им припаѓа на крими-романите и голем дел од светската читателска публика искажува наклонетост кон оваа жанровска литература и веројатно нема простор за противречност со оглед на тоа дека тиражите се тие коишто укажуваат на афинитетите на читателите. Ја обележуваме 2015 како година во која се издава првиот роман од жанрот крими-романи во современата македонска литература. Би рекле дека во творењето на домашните автори на ваква литература може да се отслика влијанието (од европските, посебно скандинавските крими-романи), и не само влијанието, туку подобро речено потребата да ги видиме наративните и мотивските знаци за распознавање на крими-романот во македонска варијанта.

Анде Јанков како најплоден творец на македонски крими-романи

Веднаш по отворањето на новото книжевно поглавје во современата македонска литература Јанков го започнува својот творечки процес токму во овој жанр. Во континуитет издава четири романи чии тиражи ја потврдуваат горенаведената потреба, но и сознанието дека македонската читателска публика со децении била жедна за вакви романи и за ваква литература од македонски автори. Досегашната книжевна критика почетоците на творечкиот процес на Јанков ги припишува на неговата книжевна имагинација на што би додале дека остварувањето на неговиот подоцнежен процес се случува благодарение најмногу на книжевното искуство коешто не може да помине незабележително. Зошто Јанков книжевната критика допрва ќе го смести во класата автори предводници на крими-романи во македонската литература? Затоа што тој го изострил чувството на потребното и одвишното и затоа што го усовршил принципот на потполно нурнување којшто им е познат само на светските автори кои заземаат водечки места во овој жанр и во литературата, воопшто.

Виктор Николов – разобличувач на општествената и политичка стварност

Овој литературен жанр не признава неконкретност, неодреденост и неусогласеност.  Создавајќи го ликот на инспекторот Виктор Николов, авторот својот крими-серијал со сигурност го заштитува од кратковечност. Невозможно е да се изгуби неговата актуелност бидејќи ангажираноста на Јанков ги апострофира суштинските социјални и политички деформации (па дури и да се случат промени овие романи ќе останат да зборуваат за една општествена стварност од некое друго време). Што се крие зад ликот на Николов? Модерен човек кој со својата визија ги надминува и оди многу подалеку од ограничувањата на секојдневниот живот.

Систем на лажни величини

Во центарот на романескното дејство е убиството на една млада новинарка по чиј убиец почнуваат да трагаат инспекторот и неговиот тим. Авторот одлучува новинарката да ја внесе во приказната лишена од живот, па затоа читателот ја запознава само таква каква што таа изгледа во очите на луѓето коишто имале каква било врска со неа. Со поставувањето на фокусот на останатите ликови, текот на настаните се одвива на два плана – потрагата по убиецот на Драгана и вистинската причина којашто создала услови за убиство. Параванот на лажната идиличност е во својот зенит во кратките поглавја во кои обраќањето на убиецот е посилно и од неговото присуство и од отсуството на жртвата. И ако трагичниот крај на млад живот е цената што се плаќа за големите идеали, за каков сигурен ризик тогаш зборуваме? Да ги обединиме разгранетите делови во една единствена целина: тоа е ризикот преземен од личноста којашто нема што да изгуби. 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.