Цикличен приказ на тонењето во сопствените врутоци во „Денот на црвот“

Црвот беше отелотворение на основните човечки стравови. Сигурно имате некаде прочитано дека само глупавите луѓе веруваат во случајности. Се чини дека излегувањето од една и влегувањето во друга приказна во Денот на црвот се случува со помош токму на случајности. Напротив. Во овој роман резултатот од дејствувањата на ликовите е над секој закон на случајноста. […]

Црвот беше отелотворение на основните човечки стравови.

Сигурно имате некаде прочитано дека само глупавите луѓе веруваат во случајности. Се чини дека излегувањето од една и влегувањето во друга приказна во Денот на црвот се случува со помош токму на случајности. Напротив. Во овој роман резултатот од дејствувањата на ликовите е над секој закон на случајноста. Романот не наметнува заклучоци бидејќи Јованоска не чувствува потреба со прст да ни ги потенцира речениците зад коишто се крие смислата на кажаното. И во тоа е суштината на нејзиниот деби роман: овој роман ќе има онолку варијанти колку што ќе има поединци коишто ќе го прочитаат. Нашето видување за Романот на годината за 2021 г. се содржи во следната констатација: да немаше басновиден влез во романот, во голема мера поглавјата во оваа форма ќе создадоа збирка раскази. Книжевното дело го започнуваме од главата на црвот, а доаѓаме до неговиот крај кога ќе стигнеме до неговата опашка што значи дека црвот како заедничка нишка за сите 19 поглавја прави од нив материјал за роман.

На светот не постои ниедно раскажување без ликови или, барем, без дејствители.Барт Ролан

Преку својот лик Арсо, Абаџиев во својата Пустина ќе пренесе една состојба од тоа време: Колку прекрасни се овие луѓе од книгите! Ја бараат и ја најдуваат смислата на своето постоење. 60 години подоцна во Денот на црвот за еден од своите ликови (создаден по истиот образец по којшто ќе се раѓаат (и згаснуваат) и останатите ликови) авторката ќе напише: Грета одлучи да се самоубие. Ова е роман на новото време и како таков се вбројува во романите на новото време, а во нив одамна ликовите не успеваат да издвојат победа над своето внатрешно заточеништво. Низ згуснатата и на места интензивно брза прозна нарација и длабоко осмислена конкретизација, авторката не дозволува нејзините ликови да ја закопаат нивната најдлабока интима. Тие немаат друг избор освен да ги живеат последиците од пресвртните одлуки и од честопати нерационалното постапување. Преминот од сцена во сцена се должи на супериорната творечка имагинација на авторката да ги прикаже своите ликови, обземени од големи прашања, од перспектива не толку застапена во нашата книжевност – перспективата на ликот и перспективата на набљудувачот (перспективата на вториот е неизбежна за да се постигне следствениот тек на настаните што Јованоска ги нижи). 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.