Зар и ти, сине Бруте?
Горлив е фактот кој посочува дека предавството опстојува секаде каде што е присутен човекот. И во еден таков систем човекот секогаш може да избере. Всушност, човекот го оформуваат неговите сопствени избори, а нештата да станат до крајност бизарни, изборот во голем број случаи е следен: секогаш ги повредуваме оние кои најмногу нѐ сакаат. За тоа како најтешките удари доаѓаат од најблиску, а последиците го рушат целиот концепт на индивидуална и општествена норма говори Андоновски во неговиот драмски текст Генетика на кучињата – полошо од тоа да ги поседуваш валканите глембаевски пари е да ја поседуваш валканата глембаевска крв. Сѐ треба да се заслужи, а човек има право само на нештата што ги заслужува. Останатото се вика алчност.

Празен е надворешниот свет
Драма за едни луѓе и едни пари во едно време. Всушност драма за луѓето и парите во секое време. За материјалното изобилие и за духовната празнотија. Но, не постојат пари со кои може да се пополни духовното осиромашување. Не постои момент во кој сме вистински подготвени да бидеме повредени од оние кои се во наше најблискo опкружување. Не можеме да се откажеме од сопствената крв и не можеме да прифатиме дека парите повеќе ни одзеле отколку што ни дале во животот. Човекот е само серија на неговите чинови, а најважниот меѓу нив е оној во кој тој треба да го врати тоа што не е негово. Глембаевската вага е вредна само доколку заблеска во нејзиниот полн златен сјај. А за сѐ останато говори Андоновски при поставувањето на својот драмски текст на сцена. Нештата се едноставни: законите и моралот немаат дејство кај богатите бидејќи богатството е последна причина за постоењето на светот.
Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.