„Отсечки стварност“ – прозна изложба на секојдневието

Уметноста не треба да се лепи за животот, туку треба да сугерира повисока реалност. – Густав Флобер Забелешката на Флобер во контекст на збирката кратки прозни скици на Здравески ја добива следнава димензија: литературата не треба да ја сугерира само страната на  реалноста што ја живееме, туку треба да ја сугерира и страната на реалноста […]

Уметноста не треба да се лепи за животот, туку треба да сугерира повисока реалност. – Густав Флобер

Забелешката на Флобер во контекст на збирката кратки прозни скици на Здравески ја добива следнава димензија: литературата не треба да ја сугерира само страната на  реалноста што ја живееме, туку треба да ја сугерира и страната на реалноста којашто не сме подготвени да ја живееме. Отсечките стварност на Здравески се отсечни, прозните скици се кратки, кажувањата се без заобиколување и со брзо поентирање, а голем дел од нив сами по себе се срцевината на авторовата (за)мисла.

Кратка проекција во движење

Атмосферата е реалистична, но во многу мал дел таа е имагинативна и помалку опиплива. На своите прозни креации, Здравески го втиснува својот печат со тоа што не осмислува нов, туку го продлабочува веќе постоечкиот апсолутен свет. Зборуваме за една автентична стварност бидејќи прозните отсечки не извираат само од човекот којшто е автор, туку и од авторот којшто е човек. Би било сосема погрешно хуморот обвиен со сарказам и апсурдност да се смета за погрешна алатка со која се прикажуваат отсечките стварност. Напротив. Хуморот на Здравески е специфичен и конкретен – па постојат ли поголеми вистини од тие што се кажани на шега и низ смеа?

Сказната за непослушниот син

На едно време во кое народот преку народното творештво ја исполнува празнината од недостатокот на културниот и просветен живот, Цепенков е негов значаен признак. Приказната раскажана од Коне Самарџијата, книжар од Солун (како што прибележува Марко Китевски во неговата книга Трудови за македонскиот фолклор), во една реалистично-фантастична рамка, Цепенков ја поставува најдолгата македонска народна приказна – приказната за Силјан Штркот.

Силјан во 21 век

Во 1954 г. Конески во предговорот на книгата Марко Цепенков: Сказни и сторенија пишува: Ние можеме и сосем да не се занимаваме за народните сказни, да не го читаме и она што е порано запишано од собирачи како Цепенкова, да не го знаеме тоа или сосем слабо да го познаваме како мотив и обработка – и сепак, при допирот со одредена животна содржина, ние ќе мораме да се посретнеме, независно во ваков вид, со стилот на нашата изминатост. Зашто таа не е сепак сосем измината. Изминатоста за којашто зборува Конески е иста и по безмалку седум децении – Цепенков како креатор ја конструира народната умотворба онака како што Здравески како креатор ја конструира авторската прозна скица.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.