„Само Бог простува“ – нешто е труло во државата…

Настаните во овој роман се целосна фикција — што не значи дека не можат да се случат. Со овој краток фрагментарен податок Јанков нѐ внесува во третото продолжение од серијалот за Виктор Николов, книжевен лик со којшто авторот меѓу првите ја освојува нашата (жанровска) литература со еден жанр веројатно најмалку застапен од сите други жанрови […]

Настаните во овој роман се целосна фикција — што не значи дека не можат да се случат.

Со овој краток фрагментарен податок Јанков нѐ внесува во третото продолжение од серијалот за Виктор Николов, книжевен лик со којшто авторот меѓу првите ја освојува нашата (жанровска) литература со еден жанр веројатно најмалку застапен од сите други жанрови коишто таа ги препознава. Впрочем романите за Николов препознаваат двојна современост: тие го следат сижејниот модел на крими-роман што може да се објасни како дел од авторската интенција истовремено придонесувајќи за еден многу важен сегмент – континуираност во творењето како пресуден фактор за жанровската литература којашто допрва се развива.

Отсуство на мистификација

Романот Само Бог простува во своите рамки нималку не ја препознава мистификацијата. Во него се среќаваме со разработена и разновидна тематика која започнува со личната драма на протагонистот, преминува во прашања кои се однесуваат на сечиј живот за на крајот да се претворат во длабоки согледувања на животните пресвртници на човекот и на смислата и бесмислата на човечкото постоење во присуство на неправда.

Кога ѓаволот во човекот го победува Бог

Еден од најтипичните белези на романот на Јанков е неговиот реалистичен пристап во детекција на недостатоците на општествениот систем севкупно. Појавата на серијалот за Виктор Николов кој е во постојана трка со времето да го пронајде и казни убиецот внесува мисловна и тематска вознемиреност која конфронтирајќи се со извесни состојби, се конфронтира и со своите сопствени искуства во литературата за да ги надмине своите почетоци и први заблуди: индивидуите како Одмазникот губејќи ја довербата во државните органи стануваат безнадежни луѓе коишто не гледаат друг избор, освен да ја земат правдата во свои раце.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.