„Страв“ — нов одблесок на современата македонска драматургија

Бакшиш, брату, дај ми, дете ти се доби, дете бележито, летно с’нце в глава, а во градите мy jacнa месечина. Стравот е страшен само за оние што му се плашат. — П. М. Андреевски Нашата современа театарска драматургија е жива! Еве ја, тука! За нејзината живост говорат драмските текстови на Миленков, срочени во три едночинки […]

Бакшиш, брату, дај ми, дете ти се доби,

дете бележито, летно с’нце в глава,

а во градите мy jacнa месечина.

Стравот е страшен само за оние што му се плашат. — П. М. Андреевски

Нашата современа театарска драматургија е жива! Еве ја, тука! За нејзината живост говорат драмските текстови на Миленков, срочени во три едночинки и една драма во три чина под наслов „Страв“. Драмските слики коишто доловуваат една згусната атмосфера се создадени од текстовите коишто можеме да ги определиме како потрага по личниот идентитет. Впрочем, обликувањето на идентитетот доаѓа до својот најполн израз кога се формира под дејство на страв, а суровиот факт вели дека честопати се случува луѓето да бидат окарактеризирани на основа на нивниот најголем животен страв. 

… Што за мене може да биде пофантастично и понеочекувано, па и поневеројатно, од стварноста. — Ф. М. Достоевски

Во атмоферата во којашто авторот ги поставува своите ликови се насетуваат новите драмски процеси, во овој наш 21 век во кој сѐ е измешано. Зошто овие текстови треба да се постават на сцена? Затоа што тие сами по себе на хартија се исклучително реални и опипливи, а на сцена несомнено ќе го покажат и нивниот иреален слој и така комплетирани, реалниот и иреалниот слој на драмскиот текст, ќе ја прикажат двојната смисла на мислата, отворајќи прашање за подлабока анализа: зад реченото се подразбира нешто друго или се подразбира нешто повеќе од реченото?

За едночинките Објект:актер и Отвори врата!

Големата тема што ја содржи драмскиот текст Објект:актер — темата за стравот — се изразува низ насилието, оневозможувајќи стабилно психолошко и ментално дејствување, потем социјално понижување и претворање на субјектот во објект на манипулации. Оваа своја тема Миленков продолжува да ја анализира и во втората едночинка (Отвори врата!), во три реченици кажани една по друга, во еден здив, како еден збор. Токму со неа, во 2019 година авторот го освојува првото место на меѓународниот фестивал на едноминутна драма организиран од Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана (One-Minute Play Content). 

Препрочитување на книжевното наследство

Театрологот Ана Стојаноска, во изданието Македонска современа драма уште во предговорот ќе забележи еден многу важен белег на македонската драма: Примарните критериуми кажаа дека македонската драматика сака да се препрочитува, да реферира на претходницата, да ја рециклира и ресемантизира. Па ќе додаде: Македонските автори избрани во оваа книга покажуваат/прикажуваат како едноставно се чита/препрочитува/пресоздава драмското наследство. Несомнено и Миленков со овие текстови го обезбедува своето место меѓу нив, одејќи уште подлабоко, осозновајќи го и македонскиот фолклор во едночинката Страв чии мотиви длабоко проникнуваат од народната песна Јана и Стојан (класифициранира во делот јуначки песни во Зборникот на Миладиновци), меѓу народот позната како Ој, Јано, Јано, и драмата во три чина Потаткување во која ни се потврдува дека и денес Сентерловиот рид на Чинго од Големата вода сѐ уште постои во непроменет облик.

Драмски текст со фолклорни димензии

Јуначкиот епос има богата и разновидна содржина којашто не секогаш се однесува (само) на борбата на јунакот против непријателот. Во опусот на епската фолклорна традиција постојат закономерности преку кои битовата и социјалната практика наметнувале свои теми и ситуации. Оттука Миладиновци Јана и Стојан ја приредуваат под јуначки песни, за подоцна со измени во текстот, но со целосно зачуван мотив, да прерасне во песна опеана од народот под наслов Ој, Јано, Јано. Миленков го избрусува и го прилагодува овој мотив во својот драмски текст – на страна ги повлекува фантастичните ликови и чудесните предмети, не ја задржува хиперболизацијата (како еден од најраширените начини на поетско искажување во јуначкиот епос) и го потврдува закоравеното верување од памтивек дека од моќта на клетвата мајчина не се бега. Народната песна отсекогаш го привлекувала вниманието на авторите, а за тоа доказ се безбројните примери во кои македонскиот фолклор им понудил на авторите широк спектар од мотиви и инспирации. Често таа служи и во случаи кога авторот чувствува потреба да докаже и потврди состојба на животна појава со пример од народното творештво, одбирајќи мотивски точки блиски до секојдневноста на луѓето. Текстот на Миленков за Страв  создава современа драма врз еден стар и општопознат мотив, мотивот за мајчината клетва и ќерката неродилка.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.