Варварскиот дух на цивилизацијата во „Страв од варвари“

Феноменолошкиот комплекс на одразот (М. Друговац) Не е туѓо сѐ што не е наше, туѓо е сѐ што ни е непознато. Ова би го заокружиле како јадро околу кое слоевито се гради структурата на романот добитник на Наградата за литература на Европската Унија за 2020 г. – Страв од варвари со којшто се презентира една […]

Феноменолошкиот комплекс на одразот (М. Друговац)

Не е туѓо сѐ што не е наше, туѓо е сѐ што ни е непознато. Ова би го заокружиле како јадро околу кое слоевито се гради структурата на романот добитник на Наградата за литература на Европската Унија за 2020 г. – Страв од варвари со којшто се презентира една извесна панорама – во варварите има малку цивилизациско, во цивилизираните сѐ е варварско. Има Андоновски една творечка еволуција која ја пренесува во својот роман и која се согледува на следниот начин: варваромрзачите да го победат несопственото и тоа да се надмине како сопствено. Наѕира оваа замисла во неколку кратки сцени во текот на целиот роман, но безуспешно. Победува варварскиот дух на цивилизацијата над духот на варварството бидејќи меѓу варварството како умствена состојба и цивилизацијата како општествен правец се поставува знакот на нееднаквост, што е секако сосема погрешно. Па, зар досега никогаш немате сретнато граѓанин од прв ред чиј ментален склоп отстапува од неговата општествена положба?

Кој е твојот најголем страв?

Непознатото предизвикува страв бидејќи не знаеме колкава моќ поседува. Водејќи се по книгата на Калина Малеска, Облици на моќ во современата книжевност, би се задржале на дефиницијата на Хејвуд којашто таа ја подвлекува: Моќта е способност да се влијае врз однесувањето на другите, легитимитет е право тоа да се прави. Што од ова е присутно во романот на Андоновски – моќта или легитимитетот? И двете. Моќта се забележува на индивидуален план, а легитимитетот – на колективен.  Моќта од индивидуа ја имаме во односот Михаил (извор на моќ) и Пинелопи (Ти не одиш никаде. Засекогаш остануваш тука.), мајката на Стела (извор на моќ) и Стела (Отсега па натаму за тебе забавите се завршени. Пресоблечи се. Нема да одиш никаде.), Оксана (извор на моќ-немоќ) и Евгениј (Кога ја тргнав перницата, тој веќе беше мртов. Очите му беа отворени.). Легитимитетот од колективот е присутен секогаш кога имаме сцена на директен судир меѓу островјаните и варварите и во сите ситуации без исклучок легитимитетот го имаат тие коишто први го нарекле овој остров свој дом: пристигнувањето на островот (Тие дојдоа! Ене ги, се приближуваат кон пристаништето.), мртвата змија во дворот на таверната (… Русинката… ја има фрлено во дворот… Да се случеше ова со змијата пред само некој месец, најверојатно ќе ја обвинеа Стела, лудата жена од Светилникот.), самоубиството на Стела (Кога сосема ја снема, се затрчав во водата, но тогаш од некаде излета Спиро и ме спречи, ми даде знак да ја оставам. Потоа раскажал како ние двајца нешто сме зборувале, по што Стела расплакана скокнала во морето, а јас само сум седел и сум гледал додека таа се давела. Тоа многу ги разбеснило сите…), островјаните ја палат куќата на варварите (Пред мене видов илјадници острови во пламен.).

Интимен и општествен опстанок

Држам в рацете книже закинато,

мал и забравен нејзин портрет.

Треба тоа да означи срет

со недалечно, чемерно минато.

(Пред нејзиниот портрет, Гане Тодоровски)

Напуштање е разделба без збогум е заедничкиот образец врз којшто се градат ликовите на Оксана и Пинелопи. Тие живеат со ограничувања, водат живот во стеги, носат одлуки и постапуваат спротивно од сопствената волја. Моментите кога Оксана и Пинелопи се исклучуваат од овој свет и почнуваат да патуваат со мислите во едно време кога биле поспокојни се моменти кога се случуваат нурнувања во туѓи светови бидејќи ликовите на коишто тие постојано се сеќаваат за нас се непознати и апстрактни и како такви тие ни се туѓи. Двете протагонистки со коишто никогаш не доаѓаме во директен допир и ги знаеме само онакви какви што ни ги претставуваат Оксана и Пинелопи, претставуваат доразвивање на приказната во којашто не се води битка за тоа кој е цивилизиран, а кој е варварин туку се води битка за тоа кој е поголем варварин. Во редовите во коишто Андоновски им го препушта зборот на своите протагонистки се чувствува сродството меѓу нив и нивните пријателки на кои тие се сеќаваат со голема носталгија. Очигледно е дека создавањето на овој роман го повикало Андоновски да создаде услови за да може да се види и другата страна на неговите две жени којашто можеше да се претстави само на еден начин – животот на Оксана и на Пинелопи пред доаѓањето на островот.

Симболизација

И додека историјата го одминува грчкиот остров, светот доживува свои скокови: трагедијата во Чернобил и уривањето на Берлинскиот ѕид. Првиот скок му треба на Андоновски за да ги однесе своите прогатонисти на Гадос, а вториот за да ја прикаже комплексната слика на жителите на Гадос – отцепени од светот, (и ментално и) физички. Андоновски не ги пренесува своите пораки директно. Напротив. На многу рамништа во романот се проткајуваат симболи на коишто вреди да им се даде барем едно толкување за вистинско заокружување на книжевниот осврт. Чувствувајќи ги последиците по своето здравје од случувањата во Чернобил, Евгениј доаѓа на Гадос, потешко пристапен остров којшто ветува подобрување на неговата состојба, тргнувајќи од сознанието дека водата е извор на живот и дека морето ќе биде негов прочистувач и обновувач. Наспроти водата го имаме симболот на оганот: гори надежта на Пинелопи (во мигот кога горат тревките коишто би ја спречиле нејзината бременост, а со тоа гори и последната надеж за бегство од островот), смртта на верната пријателка на Оксана која со семејството загинува во пожар онака како што ќе загине Оксана додека огнените јазици се насочуваат кон првиот кат на куќата (и кон собата од каде што се гледа морето). На основа на истражувањето на Звонко Никодиновски на тема Семиологија на мачката во македонскиот јазик, а во контекст на романот на Андоновски, би се задржиле и на симболот мачка т. е. на мачорот на Алики, којшто се смета за замена на нејзината близначка Кики па дури некои од островот сметале дека животното е самата Кики. Според описот на авторот смртта на Алики е тесно поврзана со нејзиниот црн мачор, кој сосема случајно ѝ се придружил додека собирала тревки на Трипити. До колку сознанија успеавме да дојдеме? Би рекле до две – во Јапонија мачката е животно со лош предзнак кое е способно да убива жени и да ја земе нивната форма и мачорот е животно посветено на сонцето и на богот Озирис. За Алики и Кики велеле дека се ден и ноќ. Која од нив e денот? Секако, тоа e Алики.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.