Вресокот на природата во „Терај си го плугот по коските на мртвите“

Полската Артемида на боиште Многупати сме сведоци на улогата што ја зазема и на влијанието што го има митологијата врз современата книжевност и најчесто тоа се забележува во прозните дела чии граници одат до недоглед. Опсежните книжевни прегледи нè носат до сознанието дека за ваквите дела би можеле да се послужиме со изразо зад хоризонтот […]

Полската Артемида на боиште

Многупати сме сведоци на улогата што ја зазема и на влијанието што го има митологијата врз современата книжевност и најчесто тоа се забележува во прозните дела чии граници одат до недоглед. Опсежните книжевни прегледи нè носат до сознанието дека за ваквите дела би можеле да се послужиме со изразо зад хоризонтот бидејќи зад секој освоен хоризонт се крие нов, пообемен. Тоа што е Артемида, божицата на ловот и заштитничка на животните, во грчката митологија, тоа е Дијана во римската митологија, Артуме во етрурската митологија и Јанина во современата полска книжевност. Важно е тука да потцртаме дека Артемида и Јанина се разликуваат и наликуваат една на друга по моделот на дејствување што го следат – во грчките митови спротивставените особини на Артемида се забележуваат во нејзиниот лов, но и заштита на дивите животни. Истите спротивставени особености кај протагонистот на Олга Токарчук се претставени на следниот начин: таа е заштитник на животните и ловец на тие што сакаат да им наштетат.

Ехо на разумот

Токарчук во Јанина не гледа ништо друго освен хероина. За да му ги претстави на светот своите филозофски, морални и еколошки размислувања, таа го поставува својот лик во извонредно тешка околност, искушувајќи ги неговата издржливост, трпеливост и способност да го контролира гневот (бидејќи гневот најдолго трае и најдолго се памети). Нормата на која подлежи прозата на оваа авторка ја покажува и другата страна на приказната – Јанина се бори со чувствата и со мислите доживеани под влијание на стварноста, го сфаќа законот на природата, но не може да ја прифати апсурдната потреба на човекот да пресудува кое битие има право да живее. Посебно доминира нејзиниот став дека конечно е дојдено времето природата да ги побара своите права и животните убивани со векови да почнат да се одмаздуваат на тие коишто бескомпромисно ги следат со поглед преку нишанот. Индивидуите како Јанина се херои во романите, но жртви во општеството бидејќи изгубената доверба во државните органи прави од нив безнадежни луѓе коишто не гледаат друг избор, освен да ја земат правдата во свои раце.

Интертекстуалноста како херменевтички метод

Сè почесто во книжевно-културолошките проучувања и научни трудови се сретнуваме со терминот интертекстуалност. Користејќи го тој метод, авторите вметнуваат текст во својот книжевен текст, со цел појаснување и толкување на нивната интерпретација, за којашто првично, можеби, читателите ништо не знаат поради недостатокот од податоци. Нема правило дека интертекстот мора секогаш да биде обележан со црвено, напишан со големи букви и во императив за да се потенцира неговото присуство па затоа интертекстуалниот код присутен во романот на Токарчук е најавен мошне суптилно преку прикажувањето на Јанина како преведувачка на поезијата на Вилијам Блејк. Останатото е сосема воочливо – насловот и цитатите со коишто авторката ги започнува новите поглавја се водечки интертекстуален наративен сегмент.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.