„Диссомнии“ – за тенката линија меѓу јавето и сонот

Револуција ЗА и/или револуција ПРОТИВ Сржта на романот не е политичка и авторот не пристапува кон политиката како основна тема, но политичката атмосфера во одредени делови (во првиот дел) е изразена силно, а во останатите (на крајот на вториот дел при конечната разврска) само се провејува. На тежок тест е ставена љубовната врска меѓу нараторот […]

Револуција ЗА и/или револуција ПРОТИВ

Сржта на романот не е политичка и авторот не пристапува кон политиката како основна тема, но политичката атмосфера во одредени делови (во првиот дел) е изразена силно, а во останатите (на крајот на вториот дел при конечната разврска) само се провејува. На тежок тест е ставена љубовната врска меѓу нараторот писател и неговата девојка Настја во периодот кога се случува Мајдан – револуцијата на Украинците пред десет години којашто се вбројува во едно од најважните случувања во поновата историја на Украина (настрана од моменталната воена состојба во којашто се наоѓа). Визијата на нараторот оди многу подалеку од тоа што очите на Украинците можат да го видат во најжестоките денови на протестите и затоа неприкосновено на јавен настан во улога на промотор излегува со скандалозна изјава – Мајдан не се бори за доброто, туку се бори само против злото. Понесен од желбата да ја разоткрие страната на револуцијата којашто е јавна тајна, нараторот на свој грб почнува да носи товар и да плаќа скапо за идеалите на народот на Украина. Во творечкото изразување Станојоски во најголем дел се задржува на сопствените согледувања, а тоа може да нè наведе кон едно поинакво читање на политичкиот сегмент на романот: секој народ во поодамнешната или во поновата историја има доживеано свој Мајдан. Па дури и македонскиот (од временски аспект овој роман е пишувам токму во периодот кога во Македонија се случува револуција пандан на онаа во Украина). Кога ќе престанеме во книжевноста да сведуваме сè на случајности?

Како ретко кој друг народ, Македонците имаат многу развиено фолклорно творештво. – Томе Саздов

Имајќи ја големата слика за современата македонска литература, би можеле да констатираме дека книжевните критичари уште долго ќе ги детектираат елементите (и влијанијата) од македонскиот фолклор во книжевните дела од домашни автори и тоа не затоа што фолклорот е првата и последна станица на книжевниците за творење, туку затоа што тој за нас претставува најсложен, но и најцелосен систем од приказни, систем идентичен на оној за којшто Станојоски пишува во својот роман Диссомнии закитен со Рациновото признание за 2018 г. Јас-нараторот се чини никогаш нема да го заврши своето кажување за својот систем од приказни и за системите од приказни на семејството и за нераскинливата врска на тие системи. Впрочем, како неоспорна потврда за фолклористичката нишка во романот е токму системот од приказни, тој ист систем од приказни којшто, меѓу другото, го покрива македонскиот фолклор преку делот народна проза.

Народната демонологија на македонски терен

Пред 71 година Славко Јаневски во Село зад седумте јасени дава преглед на социјалистичка реконструкција на село во тоа време. Седум децении подоцна Игор Станојоски дава преглед на едно село во западна Македонија коешто можеби некогаш било село како што е Јасенско на Јаневски (бидејќи сите македонски села наликуваат на селото на Јаневски), а денес е испустено и заборавено. Во секој нареден попис на населението бројката на жители се преполовува, а куќите остануваат да зјаат празни и да сведочат за едно време. Добиената порака од извесна Каролина Јаневска, фиктивен лик, физички неприсутен, а мисловно (кај нараторот) сеприсутен, го враќа нараторот и носечкиот лик на романот во селото на неговата баба и дедо (тукушто починати, или, пак можеби не?). Од современ аспект, чудните случувања во куќата се главните хорор и трилер елементи, но тие елементи под лупа добиваат уште поголема вредност бидејќи во нив се содржат верувањата на Македонците во демонски суштества. Немајќи логично објаснување за поместените предмети, нараторот се повикува на своето познавање на народната митологија, помислувајќи дека просторот го дели со духови, вампири, па и една самовила којашто во даден момент ја поистоветува со Каролина. Во својата книга Македонска народна митологија: Народна демонологија на Македонците, проект на Институтот за старословенска култура во Прилеп, Танас Вражановски ќе забележи: „… едно и исто верување поинаку живеело да речеме пред 50-тина години, а поинаку тоа живее во нашата современост…“ Митолошкиот сегмент на Станојоски во контекст на забелешката на Вражановски дава едно конкретно книжевно заокружување: отсуството на разумно толкување на настаните се преплетува со општите претстави за демонските ликови и за нивното присуство во сите нешта во коишто логичниот тек не постои.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.