„Дневник по многу години“ или спомените на човекот кој нема што да крие

Јас никогаш не сум водел дневник, таков навик не се беше создал во мене – Б. Конески Вистинско жанровско збогатување на нашата книжевност се случува со потпишувањето на Конески како автор на прозната книга Дневник по многу години за која тој самиот милува да каже дека е книга со  „кратки прозни скици“ објавени порано или […]

Јас никогаш не сум водел дневник, таков навик не се беше создал во мене – Б. Конески

Вистинско жанровско збогатување на нашата книжевност се случува со потпишувањето на Конески како автор на прозната книга Дневник по многу години за која тој самиот милува да каже дека е книга со  „кратки прозни скици“ објавени порано или напишани скоро пред нивното издавање. Со ова прозно остварување Конески нѐ води од своите автобиографски записи до умешно напишаните песни во проза. Дневникот не подлежи на некоја строго одредена временска класификација и систематизација и покрај тоа што одредени записи се проследени со датум. За него е важно спомените да ја добијат пишаната форма која ја заслужуваат, а мозаикот од настани и личности да добие една поинаква димензија. Некои критичари на неговото  книжевно творештво, пак, ваквиот вид песни во проза го вбројуваат во неговата малубројна прозна продукција, но она што е најважно не се однесува на припадноста кон едниот или кон другиот род, туку кон вредноста на текстовите чие создавање ја укинува и најстрогата граница меѓу поезијата и прозата.

Од автобиографски записи до песни во проза

Нема никакво сомнение дека тој, Блаже Конески, е централната личност на македонистиката на нашето време чиј зачеток се поврзува со неговата јазична и литературна истражувачка и творечка дејност. Што се однесува до неговиот речник, веројатно, тој е најбогат во нашата современа литература, а посебна вредност на јазичниот израз дава критичката анализа на Димитар Митрев во која тој мошне рано во Конески го открива поетот што може да биде длабок без да биде нејасен. И покрај тоа што природноста и едноставноста се главни тематски ефекти, македонскиот јазик не познава погусти и повозбудливи поетски и филозофски пораки какви во голема мера ги има во Дневникот. Доколку целокупно ги погледнеме расказите на Конески, би можеле да забележиме дека дел од нив немаат конкретна завршна поента. Но тој со тоа ништо не губи, бидејќи недореченоста тука игра позитивна улога, отворајќи можност на читателот да си поигра со својата имагинација. Дополнително, причината е повеќе од реална – писателот верен на своето извонредно сигурно чувство за мера и не помислува на едно такво решение. 

Детето од Небрегово

Голема е моќта на Конески да го потчини времето за ништо да не заборави, а особено не својата крв. Во расказот Бостан оддава Блаже посебен наклон и почит кон својот татко говорејќи за вистинските животни вредности  – Па сепак сум му благодарен на својот покоен татко…, а во Круша дивјачка  признава дека исечената круша му е првата асоцијација за него. И баба Дунавка свое посебно место наоѓа во пишаниот збор на својот внук, а спомените за нејзиниот лик се наведени во расказот со наслов Трофеи. Ненадминлива е прозната формула на Конески со која тој изнесува случки од минатото, па во расказот Град ја дава далечината и големината на градот гледан од очите на селските деца, а истовремено ја поставува и својата детска дилема во ПреселбаНајголемото искушение како тогаш да се решаваше дали ќе се сломам или ќе издржам.

Рамо до рамо со светските лингвисти

Во својот Дневник Блаже Конески ќе остави неколку кратки белешки за средбите со библиотекарот на Институтот за славистика во Париз, господин Бутчик, со кого водел долги дискусии за лошите француски преводи на руската литература, изобличувањето на ликот на Ана Каренина на Толстој и гневот кој Бутчик целосно го имал кон Французите и нивната претенциозност и потчинување на литературата признаена во светски рамки. Тие двајца сигурно веќе ја имаат остварено Средбата во рајот. Во прв план во автобиографските записи Конески секогаш им дава простор на своите ликови и покрај тоа што со својата наративна експресивност остава, можеби понекогаш, спротивен впечаток. Со нејзиното нагласување, тој всушност само ја прецизира својата цел за овозможување самостоен израз на своите јунаци кои, пак, се исполнети со секојдневни дилеми. Имајќи го ова предвид, авторот трага за она што ги издвојува, што во расказот ги втемелува како целосни, човечки личности. Токму затоа во расказите кои говорат за средбите со Иво Андриќ, Десанка Максимовиќ и Мирослав Крлежа, наративната атмосфера е природна, а фабуларните детали се утврдени во реален хронотоп. Сложен и издиференциран е односот на нараторот со протагонистите, но истовремено тој е толку логичен што читателот со тоа може да ја увиди проблематиката која Конески ја разгледува, а се однесува на важни сознанија и информации за положбата на Сојузот на писатели на Југославија и неговите членови.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.