„Кратката пролет на Моно Самоников“ – кога саатот го означува времето на моралните дилеми

Далтебарам? И збор и бол. Во сон. Солев одлучува да не го започне својот роман во границите на јавето. Тој во своето книжевно дело нè внесува преку лошиот сон на Моно (еден, единствен), ликот со којшто Солев отвора ново поглавје во литературата кое се однесува на творештво создадено и поттикнато од комплексот на вина и […]

Далтебарам?

И збор и бол. Во сон. Солев одлучува да не го започне својот роман во границите на јавето. Тој во своето книжевно дело нè внесува преку лошиот сон на Моно (еден, единствен), ликот со којшто Солев отвора ново поглавје во литературата кое се однесува на творештво создадено и поттикнато од комплексот на вина и дилеми. И збор и куршум. Во сон. Заедничката особеност на првите романи од македонската прозна продукција се однесува на пристапот на градење на ликовите како претставници на луѓето од конкретна средина. КПНМС е роман создаден во повоениот период, а Моно е книжевен модел со којшто се покриваат цели генерациии чии физички и ментален недостаток претставува нивна ретроспекција на војната која тие одново и одново ја преживуваат.

Кусо сеќавање

Солев сосема кратко се задржува на војната. Воената ситуација е прикажана само онолку колку што е потребно за да се увидат причините за повоените трауми. Ставен е акцентот на неколку важни моменти од непосредното минато коишто влијаат на сегашноста којашто Моно ја живее. Оттука произлегува сознанието дека Моно не ја доживува војната во сегашноста, но ја доживува секојпат кога се соживува со минатото. Обидувајќи се да се оправда себеси за една поранешна грешка која го прати како сенка, трајно му нанесува душевен немир и прави да се чувствува неспокоен и тогаш кога дава опипливи докази дека веќе не другарува со својата слабост, Моно се соочува со острото спознание дека моралната егзистенција е највозвишениот, најдлабокиот и најкомплексниот вид опстанок.

Пукај, бе, братучед, пукај!

Задачата на којашто се посветува Солев е прикажувањето на моралната свест и совест чијашто главна функција е да го претстават Моно во неговото најсоголено издание. Свеста на Моно е активна во миговите кога прави навраќање кон минатото и обновување на времето и тоа е причината поради којашто тој станува целосно обземен од смртта на неговиот братучед. Во долината со најкратка пролет се поставува мерилото за одговорноста што ја носи човечката акција: едноставно е да се преземе одговорноста кога нешто е сторено или не. Вистинско отстапување од моралната возвишеност се случува кога постои можност нешто да се спречи, но одлуката се коси со одговорноста.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.