Македонска литература за деца –  Григор Прличев автор на „Воспитание и двенадесет песни за деца“

Чинот македонска преродба Македонската литература за деца се вбројува во низата показатели за развојното темпо на македонската прозна и поезиска продукција која својот стварен зачеток го наоѓа во редовите на фолклористичките дела на творците од доцниот 19 век и раниот 20 век, поддржувајќи ја тезата дека литературата за деца води потекло од т.н. фолклор за […]

Чинот македонска преродба

Македонската литература за деца се вбројува во низата показатели за развојното темпо на македонската прозна и поезиска продукција која својот стварен зачеток го наоѓа во редовите на фолклористичките дела на творците од доцниот 19 век и раниот 20 век, поддржувајќи ја тезата дека литературата за деца води потекло од т.н. фолклор за деца. Како надополнување на ова, во преден план, стои целта за зачувување, негување и афирмирање на македонскиот антологиски збор, пребарување на ризницата на народното богатство, нанижувајќи го на богат ѓердан сето интересно за земјата и за народниот живот.

Втор Хомер

Крупните книжевни фигури на македонскиот завојуван и освоен 19 век, како главни предводници на чинот македонска преродба, успеваат да го раздвижат своето време, потем да го забрзаат и на крајот да му втиснат насока и логика. Еден од најистакнатите творци во македонската книжевност, Григор Прличев, успева да ги обедини специфичните доминанти на епохата во којашто живее и работи – класицизмот и романтизмот. Поетската творба Сердарот, по којашто тој е наречен Втор Хомер, се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот Прличев го дал. Во лицето на овој вонсериски литературен уметник, Македонија го препознава својот најстаменит и најгласовит национален мислител.

Прличев во улогата на писател за деца

Евидентен е приказот на Прличев како писател за деца во литературата за деца и севкупно во македонската литература. Тој се потпишува на Воспитание и двенадесет песни за деца, поезија за деца на којашто авторот се обидува да ѝ вдахне посебна живост преку воспитната улога што ѝ ја доделува. Прличев своите ликови ги издигнува од својата средина преку борбата кои тие сами ја водат и предводат на начин својствен за него. Ништо исклучително не содржат зборовите, а сепак зборуваат за големи животни вистини.

Дидактичноста пред сè останато

Воспитната улога на поезијата на Прличев ја надминува секоја граница со којашто се ограничуваат песните напишани за деца. Навидум, Прличев како да подзаборава на најважното, а тоа е дека тој создава поезија којашто треба да се запише во редот на дела наменети за најмладата читателска публика – децата. Една од причините поради којашто овие песни не им се познати на младите се крие токму во дидактичноста којашто тој ја воспева на строг начин. Истовремено песните ни посочуваат дека авторот не посветил доволно внимание на игривоста на текстот и ја испуштил загатливоста којашто е важен сегмент во литературата за деца како поттикнувач на фантазијата на децата. Но, и покрај неговата неуспешност со Воспитание и двенадесет песни за деца неодминлив е фактот кој говори за Прличев како прв македонски поет за деца. 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.