Прозаистот како алегорија на народниот раскажувач во романот „Бабаџан“

Кога ги читаме расказите на Живко Чинго честопати имаме впечаток дека присуствуваме на усно раскажување. – Влада Урошевиќ Значаен миг за македонската современа литература е појавата на Чинго и на Чинговиот дискурс. Со кој вид уметност го поврзуваме Чинго? Со уметноста на раскажување и тоа не само како модерен раскажувач, туку како модерен раскажувач во […]

Кога ги читаме расказите на Живко Чинго честопати имаме впечаток дека присуствуваме на усно раскажување. – Влада Урошевиќ

Значаен миг за македонската современа литература е појавата на Чинго и на Чинговиот дискурс. Со кој вид уметност го поврзуваме Чинго? Со уметноста на раскажување и тоа не само како модерен раскажувач, туку како модерен раскажувач во кожата на народниот раскажувач. Тоа му дава на Чинго суштествена улога на нашата книжевна сцена – тој преданијата, мистериите, верувањата, со еден зборот фолклорот од ова поднебје го обвива со поетско кажување. Што доби тој, а што добивме ние со принципот усменото раскажување во современата литература? Чинго го достигна својот највисок поетски чин, а ние го дочекавме обновениот дијалог меѓу македонскиот фолклор и македонската современа литература.

Проекција на народниот духовен времеплов

Во книжевната критика не изостанаа посочувањата дека разгледувањето на Чинго е сеопфатно кога ќе го посочиме неговиот сродник и (далечен) претходник – Марко Цепенков. И од Цепенковото време и од Чинговото време и од оваа денешница којашто ја живееме, Македонецот никогаш не престанал да се повикува на својот раскажувачки фолклор. Во Бабаџан се сретнуваме со мноштво народни идиоми. Задржувајќи се на кратките народни умотворби, може да се констатира дека во благословите и во клетвите се содржани зборовни формули коишто може да се изразат само со еден јазик – тој на народот. И покрај тоа што денес тие се само остатоци во говорот на луѓето, во нив се крие целото народно верување за сѐ што е добро и лошо на овој свет. Да посочиме за ова еден пример: стариот Машала и Бабаџан за една дамнешна клетва отидоа дури до Стамбола бидејќи никој не веруваше дека тие зборови можат да стигнат до ушите на Бога. (Никој ли не знаеше дека клетвата има магиска моќ?)

Луѓето на Чинго

Овдешниве људи, пазарот во Баска го имает како за некое свето место и такво име му дале, Божја трпеза, го викает. Оттаму е купена приказната за Бабаџан. Сместени во рурален амбиент во којшто реалноста потсетува на чудесното, а чудесното не е ништо друго, туку жива вистина, луѓето на Чинго се откриваат во мигот кога се открива приказната за нив. Тие се раѓаат со раѓањето на приказната и оставаат впечаток како тукушто да дошле на овој свет. Тие со денови и ноќи патуваат и трагаат по сѐ што им недостига за да бидат целосни.

Становишта во раскажувањето

Англискиот писател Едвард Морган Фостер во своето дело Видови роман го разгледува прашањето: Што прави романот? Одговорот е: Романот раскажува приказна. Повикувајќи се на сознанието дека во секој роман нешто се раскажува, во романот на Бабаџан раскажувачи се Мајсторот Марко, Мајсторот Варџија и Мајсторот Бербер. Тогаш на која позиција е ставен читателот т.е. оној што ја слуша приказната? На истата на којашто Чинго ги става своите ликови т.е. слушатели на приказната којашто ја раскажуваат тројцата наратори.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.