Свитоците на мудроста во „Најголемиот продавач на светот“

Култ кон животната мудрост Мудар е човекот којшто има контрола над своите мисли и постапки. Мандино преку десетте древни свитоци на светот му ги дава тајните на успехот коишто внесуваат промени во животот на секој којшто ќе одлучи да ги следи. Приказната го следи сведоштвото на Хафид, човек со истраен дух и чиста мисла, во […]

Култ кон животната мудрост

Мудар е човекот којшто има контрола над своите мисли и постапки. Мандино преку десетте древни свитоци на светот му ги дава тајните на успехот коишто внесуваат промени во животот на секој којшто ќе одлучи да ги следи. Приказната го следи сведоштвото на Хафид, човек со истраен дух и чиста мисла, во неговата мисија од камилар да стане најголемиот продавач на светот. Што се однесува до наративот, сложеност нема бидејќи комплексноста лежи во пораката. Тука би подвлекле црта дека ова остварување на Мандино е само уште еден доказ дека светската книжевност чувствува потреба на моменти да пие од изворот на едноставноста, таа иста едноставност којашто произлегува од универзалната вредност на естетско-уметничката форма на творење.

Признакот христијанство

Десетте свитоци се сметаат за богат и ценет материјал. Изборот на мотивот, распоредот на деталите, стремежот – етапен и градациски, присуството на христијанско-религиските мотивски елементи и ликови придонесуваат за врвниот ефект и разврската на приказната. Ретко, скоро и непостоечко е во литературата, трговијата да се постави на линија со поставка со христијански карактер. На временска оска не постои дилема за постоењето на трговијата пред појавата на христијанството. Човекот е роден трговец со повеќе или помалку развиени вештини за продавање. Кон нова книжевна димензија се придвижуваме кога ќе ја одгатнеме смислата на пораката којашто ја упатува Мандино – секојдневно продаваме, продаваме дел од себе, дел од нашето време и дух на сите оние со коишто сме опкружени, продаваме нематеријални работи коишто се бесценети. А не постои поблагородно дејствување од безграничната посветеност и грижа за тие коишто имаат најмногу потреба од нив. Претставувањето на физичката смртност и духовната бесмртност е уште еден показател за тогашните погледи и сфаќања од коишто произлегува секоја поважна животна појава со огромно значење и секоја несомнено важна општествена функција – секој е господар на своите тајни на успехот.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.