„Скопје во високата зона“ – едни поинакво извонредни македонски раскази

Збор за наративната техника на Малеска Не постојат мали и големи теми за литературна обработка, туку постојат мали и големи творечки индивидуалности. Во творечката индивидуалност на авторката на збирката раскази Скопје во високата зона се содржи нејзиното претходно и сегашно искуство и нејзините мисли прикажани како судови и заклучоци. Малеска твори според сопствените погледи на […]

Збор за наративната техника на Малеска

Не постојат мали и големи теми за литературна обработка, туку постојат мали и големи творечки индивидуалности. Во творечката индивидуалност на авторката на збирката раскази Скопје во високата зона се содржи нејзиното претходно и сегашно искуство и нејзините мисли прикажани како судови и заклучоци. Малеска твори според сопствените погледи на расказот, односно според сопствените погледи на литературата воопшто. Би можеле да констатираме дека поетското искуство на авторката дозволува да внесува новини во своето пишување, коишто изгледаат и стилски и мотивски на своето место без отстапки.

Високата зона

Високата зона на Малеска е просторот над четвртите катови во Аеродром и Ново Лисиче. Оттаму таа ги регистрира и ги прикажува врските и комуникациите меѓу световите. Иако збирката раскази е циклусирана во независни единици, меѓу нив нема пукнатини. Во дел од расказите дава Малеска еден свој автопортрет во една сеопфатност на нејзиниот животен ангажман – приватен и службен. Мотивите се сосема приземјени и немаат строга симетрија, препознавајќи ја слободата во поентирањата и пораките. Расказите во збирката (со исклучок на оние во коишто се присутни фантастични елементи) претставуваат зграпчен материјал од современата реалност со кои Малеска нè повикува да се задомиме во стварноста дури и тогаш кога сонот станува сиот нејзин расказ.

Многу е тешко да се измислат нови сказни. – Јадранка Владова

Еден од критериумите за пишување сказна е едноставноста: едноставно пишување комплицирана приказна. Во своите раскази Малеска не само што пишува за литературата за деца (во циклусот Скопје: сегашности), туку во следниот циклус (Кругови на блискост околу Скопје) таа влегува во улогата на писател за деца и почнува да пишува литература за деца. Најважното подвлекување за овој (бајковит) циклус е дека расказите се пример за тоа како се пишува приказна за деца во 21 век – Малеска ги приспособува елементите на бајката, актуелните проблеми и модерните сензации и успешно гради современа бајка.

Стиховни констатации

И покрај тоа што Малеска пишува раскази, реализацијата на збирката ја заокружува со поезија, чија улога е да нè увери во творечкиот корпус на збирката. Малиот дел од збирката посветен на поезијата доаѓа сосема природно и се надоврзува на сè што претходно било задача на расказите да го покријат. Поезијата како пост скриптум е очекувано заокружување бидејќи сите (барем тие од книжевниот свет) сме повеќе од свесни дека поезијата покрива форми коишто и најдобрата проза понекогаш не умее.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.