„Скопје: изгубените чевли на градот“ – кој број на чевли носи Скопје?

Пулсот на (денешно) Скопје Темата за главниот град е неисцрпна и од историски и од општествен и од национален карактер, но тоа што ја издвојува оваа збирка од сите досега запишани факти за Скопје е во сензациите на коишто Шопов се задржува и во коишто се препознаваат општочовечките дејствија и својства на скопјани (и не […]

Пулсот на (денешно) Скопје

Темата за главниот град е неисцрпна и од историски и од општествен и од национален карактер, но тоа што ја издвојува оваа збирка од сите досега запишани факти за Скопје е во сензациите на коишто Шопов се задржува и во коишто се препознаваат општочовечките дејствија и својства на скопјани (и не само на скопјани, туку и на сите коишто живеат тука). И покрај тоа што некои раскази се составени од една реченица во нив изобилува семантичко полнење на секој аспект на Скопје одделно. Шопов е трагач по мотивски најактуелните сегменти на Скопје, набљудувач, а на моменти и аналитичар на скопскиот живот, регистрирајќи ги во вид емисии случките и чувствата доживеани во овој град. Збирката раскази на Шопов е книжевен документарец за Скопје и тоа не за Скопје од која била доба, туку документарец за денешното со сите негови белези во коешто ние денес живееме.

Знаеш дека си од Скопје кога…

… Го дочекуваш летното зајдисонце во Градскиот парк и ги знаеш координатните точки на првите направени чекори, кога ги мериш улиците и булеварите во доцните ноќни часови, кога подзастануваш на звуците од градските свирачи на плоштад Македонија и во ГТЦ, кога таксистот одеднаш станува метеоролог и ја отвора најчестата тема во такси возилата, кога памтиш барем еден графит или потпис на фасада коишто стојат на истото место откако знаеш за себе, кога при врнење толпата станува како едно и за сите присутни има место под автобуската стреа, кога даваш тројки на кошови без обрач, кога околу контејнерот можеш да ги најдеш сите елементи на една дневна соба, кога си сигурен дека сè може да замре освен скопските пекарници коишто работат до раните утрински часови, кога автобусот десет минути доаѓа за две минути, кога натписот Пази куче! стои и на портите на куќите во коишто воопшто нема куче, кога неделното утро ти започнува со старо купуем… Знаеш дека си од Скопје кога си во постојана потрага по местата во Скопје кои ги замислуваш, а не постојат.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.