За џагорот на старо Скопје во „Улиците што ги нема“

„Писателите немаат свои градови, само градовите имаат свои писатели“ – О. Ќорвезироска Може ли една родена кумановка да пишува за Скопје? – прашува Оливера Ќорвезироска во книгата „Улиците што ги нема“. Ете, може. Криејќи се под псевдонимот Небеска Скопјановна, Оливера Ќорвезироска дава поглед на едно, не така далечно минато на Скопје. Тргнувајќи во потрага по […]

„Писателите немаат свои градови, само градовите имаат свои писатели“ – О. Ќорвезироска

Може ли една родена кумановка да пишува за Скопје? – прашува Оливера Ќорвезироска во книгата „Улиците што ги нема“. Ете, може. Криејќи се под псевдонимот Небеска Скопјановна, Оливера Ќорвезироска дава поглед на едно, не така далечно минато на Скопје. Тргнувајќи во потрага по загубените имиња на улиците, таа наоѓа загубени животи, изгубени личности, исчезнати навики, пропаднати вредности, зафрлени спомени кои заминале во историјата заедно со името на улицата каде што некогаш живееле луѓето со чии приказни се сретнуваме. Затоа, кога ќе се најдеме пред табла на којашто е испишано името на некоја улица, убаво е да подзастанеме за миг бидејќи во нејзиното сеќавање сè уште се живи спомените за нештата коишто сите ние одамна ги имаме заборавено.

Што (сѐ) ѝ може минатото на сегашноста (и на иднината)?

Што значи спознавање на минатото? Тоа подразбира осознавање и прифаќање на сите негови нишки без исклучоци… и зачувување спомени бидејќи тие повеќе живеат во сегашноста отколку во минатото и тоа најмногу го чувствуваме тогаш кога не знаеме дали некои моменти некогаш повторно ќе ги доживееме. Впрочем, сè од минатото и сегашноста носиме во иднината, а тоа литературата го препознава на следниов начин: во уметноста на иднината никогаш целосно не избледуваат примесата на сегашноста и есенцијата на минатото.

Ретро Скопје

Книгата нуди навидум едноставни раскази, чијшто наратив се раслојува до степен на комплексна тематика. Во 33 раскази згрижени под закрилата на насловот Улиците што ги нема се претставени сите бои на Скопје на едно место, од оние најсветлите кога скопјани знаеја да уживаат во маалските муабети, озборувања и комшиски дружења, па сѐ до оние потемните, кога во Скопје, како и во останатите поголеми градови, живеат отуѓени луѓе на отуѓени улици. Измешани се ревносно темните и светлите бои. Во потрага по старите имиња на улиците, се сеќаваме на нешта кои одамна не постојат во градов, но оставиле белег врз животот и врз сегашноста на многумина. Сеќавањата на Оливера нѐ потсетуваат на заборавените улици во Скопје, нѐ мотивираат да разгледаме околу себе и да сфатиме дека иако не сме ги почувствувале промените кои се случиле, ништо повеќе не е исто, а човекот може некако да се навикне на промената која ја носи времето, но не може никако да излезе на крај со последиците кои таа промена ги носи со себе.

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.