„Село зад седумте јасени“ – показател за развојното темпо на македонската прозна продукција и стварниот зачеток на современата прозна белетристика

Јубилејни 70 години од првиот македонски роман Славко Јаневски – татко на првиот македонски роман Стилот на Јаневски се забележува по следното: преку своето перо господари со својот израз, писателската вештина ја заснова врз богатите сликарски нијанси и умешноста на ненаметливо, но доволно прецизно чувствено искажување, разбранетоста на светло-темно, живо-мртво, радосно-тажно и неутралноста на писателот […]

Јубилејни 70 години од првиот македонски роман

Славко Јаневски – татко на првиот македонски роман

Стилот на Јаневски се забележува по следното: преку своето перо господари со својот израз, писателската вештина ја заснова врз богатите сликарски нијанси и умешноста на ненаметливо, но доволно прецизно чувствено искажување, разбранетоста на светло-темно, живо-мртво, радосно-тажно и неутралноста на писателот како оптимист за сите и песимист за себе. Без да биде свесен, книжевникот по раѓањето на Село зад седумте јасени станува татко на првиот македонски роман и првиот југословенски роман за вид социјалистичка реконструкција на село. Според композициската поставеност, ова дело ја достигнува кулминацијата за најромансиерскиот роман и тоа важи како за овој автор така и за оваа литература. Македонското прозно кажување со ова го бележи своето највисоко достигнување.

Премин од наједноставното кон најсложеното во прозните видови

Недостасуваат две години за да се направи адекватно заокружување на деценијата која на свои раменици го носи веќе постоечкото и, на своја одговорност, тоа што треба допрва да следува. Показателот за развојното темпо на нашата прозна продукција е диктиран од неполните осум години во кои е опфатен и периодот на застој во чии координати се дели појавата на Село зад седумте јасени од оние први раскази со коишто е означен стварниот почеток на современата прозна белетристика кај нас. Преминувањето од поезијата, кон расказите, преку повеста кон романот, со влијание од социјалистичкиот реализам, се добива и сржта на мотивите кои Јаневски ги разработува во својот прв прозен опус: слика на македонското село во времето на колективизацијата, тешките конфликти околу нејзиното остварување и животниот пат на нашиот селски човек.

Сакав да дадам – не хроника, туку психологија на селанецот. – С. Јаневски

Основните димензии на борбата се очигледни: за или против задругарството – отсликани преку главните, споредните и епизодните ликови и човечкото и човечното, како достоинство и како слабост во самите нив. Но, каква и да била нивната одлука последицата е иста – ако ѝ се придружат на задругата, ќе ѝ дадат сè, ако не, таа ќе им одземе сè. Очигледен е пропустот при формирањето на задругата: акцијата побрзо го менуваше надворешниот живот одошто свеста на луѓето. Главниот филтер на белетристот е поставената атмосфера во вид реалистички постулат: што и да се опишува, за какви луѓе и да се раскажува, какви значајни моменти да се доловуваат треба да се земени предвид сите индивидуални и општествени фактори под чие дејство се формира човечката психа. 

Квалитетни автори заслужуваат квалитетни рецензии.